Истражувачите на Универзитетот во Лестер работат на развивање полесни и еколошки поприфатливи батерии за елекричните возила, со потенцијал за замена на литиум-јонските батерии кои се користат сега. Тие работат на батерии на полнење направени на основа на цинк.
-Ова истражување опфаќа развој на нова класа на брзополнечки батерии засновани на систем цинк-пластика, вклучувајќи и нов, евтин и еколошки одржлив раствор – вели Клер Фулартон, постдипломски истражувач на одделот за хемија, кој го презеде товарот за дизајнот, својствата и производството на новите батерии.
Овој проект ги комбинира новата евтина класа на еколошки одржливи електролити, неподложни на влага со наноструктурирани наслаги на цинк и нови брзополнечки проводни полимери.
Крајниот резултат е батерија која е лесна, еколошки прифатлива, ефикасна и безбедна.
-Проблемот со поголем број електрични коли е што најчесто батериите се доста тешки и бараат често полнење. Новите технологии, како литиум-јонските, се доста добри, но се многу скапи, а тука е и безбедносното прашање – подложни се на брзо запалување при удар – вели д-р. Карл С. Рајдер, кој го надгледува целиот проект.
За да ги остварат предвидените подобрувања, истражувачите целат кон тоа ефикасноста на полење и празнење на батериите да биде повеќе од 90% со можност за 1000 циклуси (на полнење и празнење). Исто така, ќе се обидат да ги оптимизираат јонските течни електролити со цел да го елиминираат водородот, главната причина за запалувањето на литиум-јонските батерии.
Уште повеќе, ќе се обидат да направат ултрабрзо импулсно полнење, за да се оневозможи цинкот да се измени (расслои) за време на полнењето, бидејќи тоа може да доведе до краток спој.
За овој проект се одобрени средства во висина од 3.5 милиони евра (5 милиони долари) од Седмата рамковна програма за истражување на ЕУ.