За време на Светскиот економски форум во Давос, компанијата Bloomberg New Energy Finance претстави нов извештај во кој се претставени социо-економските можности на производство и потрошувачка на нови видови на биогорива во осумте региони со најголемо земјоделско производство во светот: Аргентина, Австралија, Бразил, ЕУ, Индија, Кина, САД и Чиле.
Значењето на овој извештај е во тоа што изготвувачите на истиот имаат шанса да ги претстават можностите за производство на гориво за превоз од отпад од храна пред водачите на некои од најголемите компании во светот, како и пред голем број политичари и интелектуалци, членови на Форумот.
Според извештајот, огромни количини на остатоци од земјоделски производи можат да се искористат како одржлив извор на гориво секоја година, без притоа да се измени сегашната искористеност на плодно земјиште.
Се проценува дека 17.5% од растителните остатоци од земјоделското производство можат уште денес да се искористат за производство на напредни видови биогориво (повеќе за напредни биогорива тука). Со оваа количина може да се произведе напредно биогориво доволно за да замени повеќе од 50% од предвидената побарувачка за бензин до 2030 година. Со тоа светот има шанса да развие нова индустрија за производство на напредни биогорива од земјоделски отпад до 2030-та.
Социоекономската перспектива на напредните биогорива значи многу повеќе од енергетска стабилност. Според извештајот, во осумте анализирани региони има потенцијал за разновидно производство кое би им донело на фармерите приход од 1-4.4 трилиони долари до 2050-та, притоа отворајќи милиони нови работни места. На пример, производството на напредни биогорива би отворило 2.9 милиони нови работни места во Кина, 1.4 милиони во САД и околу 1 милион во Бразил. Значително би се намалило и влијанието врз климатските промени, бидејќи напредните биогорива испуштаат и до 80% помалку стакленички гасови отколку етанолот.
Иако потенцијалите на овој концепт се огромни, сепак има и пречки, пред сè во смисла на постојан доток на доволно суровини, недоволно инфраструктура и големи капитални трошоци. Надминувањето на овие пречки најмногу ќе зависи од креаторите на политиката, бидејќи тие ќе треба да изгласаат одреден број на законски измени кои треба да ги охрабрат инвеститорите, пред сè во облик на субвенции или даночни олеснувања. Сепак, во време кога сите се стремат да излезат од криза и да создадат нови работни места, како и да обезбедат одржливо производство на електрична енергија, треба добро да се размисли за можноста која ја нудат напредните биогорива од земјоделски остатоци.
Целата презентација можете да ја погледнете тука.