Истражувачите на Калифорнискиот универзитет во Лос Анџелес (UCLA) развиле нова проѕирна соларна ќелија од која ќе може да се прават панели кои би се поставувале на домовите и зградите наместо прозорци. На тој начин би се произведувала електрична енергија, а сепак луѓето ќе можат да гледаат надвор и да добиваат доволно светлина во домот.
Тимот на UCLA објаснува дека соларната ќелија од фотоосетлив полимер (пластика) произведува енергија со апсорпција воглавно на инфрацрвената светлина, а не на видливиот дел од светлината, со што таа е 70% провидна за човечкото око.
-Овие резултати создаваат потенцијал за развој на целосно проѕирна полимерна соларна ќелија која би се применувала кај преносни електронски уреди, како „паметни“ прозорци, фотоволтаици интегрирани во зградите и други апликации – истакнува водачот на тимот Јанг Јанг, професор по наука на материјали на UCLA.
Тој додава дека на глобално ниво има голем интерес за т.н. полимерни соларни ќелии, особено што нивниот материјал е флексибилен и лесен, и што е најважно, можеле да се произведат во големи количини за ниска цена.
Полимерните соларни ќелии привлекуваат големо внимание заради нивните предности во однос на другите технологии за производство на ќелии кои би ја претворале сончевата енергија во електрична. Научниците се особено заинтересирани за нив најмногу заради можноста за производство на високоефикасни провидни ќелии, кои би имале широка практична примена.
И претходно се правеле обиди за правење на провидни или полупровидни полимерни соларни ќелии. Сепак овие рани обиди биле неуспешни затоа што или провидноста на панелот била премногу мала или тој имал мала ефикасност на преобразба на соларната енергија во електрична или пак двете заедно, пред сè заради недоволно добри материјали за правење на ќелијата, како и на проводниците.
Но, тим на истражувачи од Институтот на за наносистеми при, Факултетот за инженерство и примента наука и Одделот за хемија и биохемија, сите дел од UCLA, создале високоефикасна, провидна соларна ќелија со помош на фотоосетлив полимер кој реагира на инфрацрвена светлина и со употреба на композитни слоеви од сребрени наножици за правење на горната проѕирна електрода. Инфрацрвениот фотоактивен полимер ја апсорбира повеќето од светлината околу инфрацрвениот дел од спектарот, но е помалку осетлив на видливата светлина, со што се постигнува рамнотежа во преформансите на ќелијата и нејзината пропустливост на видливата светлина.
Дополнителен напредок е постигнат со создавањето на проѕирен проводник кој е направен од смеса на сребрени наножици и наночестици од титаниум диоксид, со што се заменуваат непроводните проводници кои се користеа претходно. Ова овозможува лесно и евтино производство на цели соларни панели кои имаат ефикасност од 4%, што за полимерни панели е доста добро.