Постојано од нашата држава слушаме дека енергетската ефикасност како и искористување на обновливи извори на енергија и се на прво место. Но, никако да ги видиме тие напори за поттикнување на овие приоритети. Меѓутоа, нашите соседи не седат со скрстени раце.
Од пролет 2012 година, Р. Србија ќе ги субвенционира кредитите за подобрување на енергетската ефикасност во своите објекти. Од пролетта па до средината на ноември Фондот за заштита на животната средина ќе издвојува парични средства за каматите или државата ќе обезбедува 50% на кредитот. За овие субвенции државата издвои 200 милиони динари или 2 милиони евра.
Парите од фондот ќе се пренесуваат директно кон банките кои ќе ги одобруваат овие кредити. Секој кој е кредитно способен ќе може да аплицира за оваа кредитна линија.
Според Бојан Ѓуриќ, секретарот во министерството, планираните парични средства ќе бидат доволни за финансирање на неколку илјади фамилии кои што сакаат да ја подобрат енергетската ефикасност во своите домови.
Според одредени процени, во Србија постојат помеѓу 500.000 до 700.000 енергетски неефикасни објекти. Семејствата кои живеат во овие објекти плаќаат поголеми сметки за струја за разлика од енергетско ефикасни објекти. Покрај оваа мерка, во Србија ќе се зголемат и таксите за производителите на енергетски неефикасни производи, а сè според Законот за рационално користење на енергија.