Цената на нафтата расте незапирливо (добро, расте кај нас, на светските берзи веќе се намалува, ама друг пат за тоа), па сè повеќе луѓе размислуваат за купување електрични автомобили. И не само корисниците, туку и производителите очигледно сериозно се зафатиле за правење на електрични автомобили со што е можно поголема автономија, а доказ за тоа се последните неколку саеми за автомобили каде се претставуваат сè подобри и помоќни модели од страна на скоро сите големи производители.
Но никој не се замислил колкаво и какво влијани ќе има масовната употреба на електрични автомобили врз електричната мрежа, сè досега. Имено, д-р. Ганим Путрус, професор на Факултетот за компјутери, електротехника и информациски технологии на Универзитетот Нортумбриа во Њукасл, В. Британија, го водел проектот за развој на алатка која ќе им овозможи на креаторите на политики да се подготват за зголемената употреба на електрични автомобили и за евентуалното влијание кое тие ќе го имаат врз националната електрична мрежа. Во развојот на алатката учествувала и владата преку проектот Charge your car, програма со која моментално се инсталираат станици за полнење на електрични автомобили низ североисточна Англија.
Целта на програмата е да се инталираат 1000 станици за полнење во североисточниот регион до 2013 година, што би требало да поттикне повеќе луѓе да купуваат електрични автомобили, па затоа е неопходно внимателно планирање за да се минимизира притисокот врз мрежата од истовременото користење на полначките станици од страна на голем број возачи.
Влијанието врз електродистрибутивната мрежа е уште потешко да се процени ако се земат предвид и други нискозагадувачки технологии, како микрогенератори и топлотни пумпи во домовите и зградите. Новата алатка е развиена така да може да се процени влијанието на електричните автомобили врз локалната електрична мрежа и во присуство на други технологии кои се наменети да продуцираат намалена емисија на јаглерод диоксид. Алатката може да се прилагоди за да се примени и на други региони и земји.
-Секое сценарио за употреба на енергија може да се провери со помош на оваа алатка, давајќи нѝ слика за тоа што може да се случи со една постоечка инфраструктура и да помогне во планирањето на мрежата за во иднина. Главната цел е алатката да им помогне на креаторите на политики и дистрибуивните оператори. Исто така, може да придонесе за зголемување на енергетската ефикасност и намалување на емисијата на CO2 – нагласува д-р. Путрус.