Продолжуваме со туторијалот за тоа како да направите соларен колектор за топла вода. Пред да продолжиме со следните чекори, накратко да се потсетиме за претходните. Пишевме за тоа кои репроматеријали и алати нѝ се потребни за да направиме соларен колектор. Втора работа беше како да направиме рамка и систем на цевки на соларниот колектор. Во третиот дел зборувавме за тоа како да ги направиме крилцата кои што ќе ја апсорбираат соларната енергија. Денес ќе пишуваме за тоа како да ја направите изолацијата на соларниот колектор.
Имено, изолацијата нѝ е потребна за да ги намалиме топлотните загуби во соларниот колектор. Но, треба да бидеме внимателни. Доколку вградиме топлотна изолација, истата може да се истопи доколку директно се постави на плочата која што ја апсорбира соларната енергија. Од овие причини ја користиме алуминиумската фолија, која се поставува помеѓу топлотната изолација и бакарната плоча.
Материјали кои што нѝ се потребни за да ја вградиме топлотната изолација се:
- 1 изолациона плоча 2000 х 1000 х 50 mm
- 1 парче на алуминиумска фолија 2000 х 1000 mm
- 2 пластични носачи за цевки Ø 22mm
- 2 шрафа за дрво 20 х 4 mm
- 2 шрафа за дрво 80 х 6 mm
Aлати кои што нѝ се потребни за оваа операција се:
- Метар
- Ножици
- Борер за дрво Ø22 mm
- Пила
- Бушилица
- Лепило за дрво
- Силикон и пиштол за силикон
Првиот чекор е да ја измериме и исечиме на соодветни димензии топлотната изолација, во овој случај стаклена волна. Покрај ова, исто така треба да ја измериме и исечиме алуминиумската фолија на соодветни димензии. Алиминиумската фолија ја поставуваме на куќиштето на соларниот колектор, а на неа оди топлотната изолација. Буквално со алуминиумската фолија ќе ја прекриеме топлинската изолација.
Откога ќе го направиме ова, ја поставуваме плочата која што ќе ја апсорбира соларната енергија. Ова последното го правиме пред сè, да видиме каде ќе ги поставиме носачите за системот на цевките, како и тоа каде ќе направиме отвори на куќиштето на соларниот колектор.
Откога ќе ги обележиме местата каде што ќе бидат поставени носачите и каде што ќе ги избушиме дупките, ги поставуваме носачите, го поставуваме системот на цевките и ја вградуваме апсорпционата плоча.
*Текстот и сликите се преземени од следната брошура: Приручник уради сам соларни колектор