Новиот економски гигант Кина одамна ги надмина САД во трката за непопуларната титула „најголем загадувач на воздухот“, најмногу заради огромниот раст на индустриското произвоство, но секако удел има и зголемената куповна моќ на кинеските граѓани, кои сè повеќе ги заменуваат велосипедите, карактеристични за овој народ, со автомобили.
Иако Кина стана потписник на Кјото протоколот уште во 1998г., а го ратификува во 2002г., долги години властите ништо не преземаа за намалување на загадувањето и емисијата на CO2 во атмосферата, освен еден краток период околу одржувањето на олимписките игри во Пекинг во 2010г. За цел тој период Кина не вложуваше којзнае колку многу во употребата на обновливи извори на енергија, иако во меѓувреме стана најголем производител на фотоволтаици во светот.
Но, набрзо тоа може да се смени и Кина да стане водечка земја во светот по производство на електрична енергија од соларни панели, откако нагло падна побарувачката за овие производи во Европа, досега најголем увозник на кинеските фотонапонски панели. Причината за ова е што најголемите европски економии, воедно и најголеми корисници на кинеските панели, ги намалија или потполно ги укинаа субвенциите за користење на сончевата енергија. Во меѓувреме САД наметнаа царини за кинеските фотоволтаици, со цел да може домашните компании да им конкурираат на кинеските, кои нудат производи по многу пониска цена од американските.
Сето ова остава простор кинеските панели да почнат помасовно да се инсталираат на домашен терен. Според Solarbuzz, американска консултантска компанија за соларна енергија, се очекува вкупниот капацитет на Кина за производство на електрична енергија од соларна да се удвои до 5 GW за само една година.
За да го остварат ова, властите нудат повластени цени за произведената електрична енергија од фотоволтаици, при што моменталната цена е 1 јуан (0.16 центи) за киловат час, иако во некои области се нуди и повисока цена. Според петгодишниот план да државата за соларната индустрија, цената на енергијата произведена во соларни централи треба да се намали на 0.8 јуани до 2015, односно до 0.6 јуани за kWh до 2020 година.
Домашните компании за производство на фотоволтаици се вклучени во овој процес преку склучување договори со локалните и регионалните власти. Најголемите производители, LDK и JA Solar планираат да изградат соларни централи со инсталирана моќност од 200MW, односно 100 MW соодветно.
Со тоа Кина за првпат би станала најголем пазар на фотоволтаици во светот.