Еден од трендовите во автоиндустријата е развојот на е-автомобили како замена за класичните автомобили со мотор на внатрешно согорување. Притоа впечаток е дека хибридните мотори се транзицион чекор кон тој правец. Главни мотиватори за таа транзиција се пред се намалените резерви на фосилни горива и нивната се поголема цена, како и загадувањето кое моторите со внатрешно согорување го произведуваат. Денес речиси без исклучок и да нема автомобилска компанија која нема развоен оддел за електро-автомобили или која веќе нема некој свој модел на автомобил на електричен погон кој е присутен на автопатите денес. Во продолжение мал осврт на пет нова генерација електрични автомобили од пет различни производители.
Nissan Leaf
Нисан е компанијата која прва ја престави новата генерација е-автомобил, и со тоа отворајќи ги своите карти пред конкуренцијата. Лесно управлив, удобен со солиден дизајн се најчестите зборови кои се слушаат за овој е-автомобил. Со едно полнење на батериите може да помини 117 километри.
Mitsubishi i – Miev
Мицубишевиот иМиев е мал градски е-автомобил кој се одлкува со голема ефикасност на неговиот електромотор и нешто помал капацитет на батериите. Така со едно полнење според производителот може да се поминат 100 километри. Како недостаток се смета тоа што таблата не е соодветна како за е-автомобил, така кај иМиев недостига т.н. EV-centric telematics system кој е стандарден кај е-автомобилите.
Honda Fit EV
Ова е еден од поновите е-автомобили на пазарот денес а и според некои експерти и најдобриот. Според многу од нив овој модел го има истото ниво на софистицираност во управувањето кој е препознатлив кога станува збор за модел на Хонда. 130 километри е опсегот кој може да се помини со едно полнење на батериите. Што се однесува до неговата енергетска ефикасност тој конзумира само 29 kwh на секои 160 километри.
Ford Focus Electric
Форд како еден од најголемите авто производители има посветено големи ресурси на развојот на новата генерација на е-автомобили. Оваа е-верзија на Фокус е технолошки една од најнапредните, при тоа на прв поглед во внатрешноста се добива впечаток дека сето тоа е малку претерано. Но според експертите сето тоа е во служба на практичноста, комфорот и управливоста на автомобилот. Со едно полнење може да се поминат не повеќе од 122 километри.
Tesla Model S
Ова е единствениот луксузен е-автомобил на пазарот денес. Со цена нешто повеќе од $100.000 во исто време е и најскапиот е-автомобил кој во многу нешта е конкурентен на класичните луксузни автомобили. Опремен е со 85 kwh батерии кои со едно полнење може да понудат опсег од 425 километри. Негативната страна е тоа што е доста енергетски понеефикасен компарирано со другите е-автомобили, така тој троши 38kwh на секои 160 поминати километри.