Пазарната економија не тера нашите бизниси да бидат сè поекономични, поефикасни и повеќе продуктивни. Покрај овие барања, постои и соодветна легислатива која ги тера бизнисите да бидат и еколошки одговорни. Но, не е само легислативата таа која ги тера бизнисите да бидат општествено одговорни. Исто така и нашите купувачи нè тераат да бидеме општествено одговорни.
Од овие причини бизнисите сè повеќе се насочуваат кон искористување на обновливите извори на енергија. Користењето на обновливи извори на енергија има позитивно влијание на работењето на бизнисите. Од една страна бизнисите кои што користат ваков вид на енергија се општествено одговорни, а од друга страна се и профитабилни, поточно остваруваат значајни заштеди.
Пример на еден ваков бизнис е и компанијата Strauss Adriatic од Србија. Оваа компанија покрај примена на ISO 9001 и HACCP стандарди, применува и ISO 14001 стандард, стандард кој што се однесува на заштита на човековата средина. Главна карактеристика на овој стандард е и барањето за ефикасно користење на енергијата, со акцент на користење на обновливи извори на енергија.
Инаку, компанијата Strauss Adriatic е позната по свој бренд Don cafè како и по други производи од кафе. Поради својот производен асортиман оваа компанија увезува и преработува големо количество на кафе. Во процесот на обработка на кафе останува околу 140 тони на кафена плевица, која всушност претставува нуспроизвод на обработката на кафе. Овие нуспроизвод се користи за изработка на брикети кои што се користат како гориво во котларниците на компанијата. Овој брикети се истражени во лаборатории на институтот во Винча како и во лаборатории на Машински факултет во Белград. Овие истражувања покажаа извонредна топлинска моќ на овие брикети од кафе. Овие потврди на високата топлинска моќ на овие брикети го поттикнаа техничкиот сектор на компанијата, под водство на инженерот Немања Мишиќ, во соработка со Машински факултет да изработи проект на котларница за согорување на овие брикети, со што самата фабрика за производство на кафе ќе добие единствен систем за греење.
Проектот покажа дека количество од 140 тони на нуспроизводот е доволен за околу 3 месеци на греење. Од овие причини, котларницата е така проектирана да може да користи и други видови на биомаса. Инаку, биомасата во Србија претставува најголем потенцијал меѓу обновливите извори на енергија. Биомасата може да се искористи како гориво за индустриско производство, како гориво за добивање на топлинска и електрична енергија. Основната предност на ваков вид на енергент е како ниска и стабилна цена, така и еколошка прифатливост на биомасата.
Оваа единствена идеја за греење на фабриката на брикети од кафе е претставена и на состанокот на Strauss Group во Израел, каде е и одобрена инвестицијата за реализација на самиот проект. Вкупните заштеди на овој систем изнесуваат помеѓу 65 и 90 илјади евра, а самата инвестиција ќе се врати во период од година и пол. Исто така, со користење на ваков систем на греење ќе се намали емисијата на CO2 за околу 341 тон.
One Comment
nikola jovanov
Dali moze da dobijam mail od avtorot Predrag Stojkovski, bidejki sum zainteresiran za pravenje na peleti pa do go prasam nekoi raboti?