Германската компанија Heliatek направила голем напредок во производството на органски соларни ќелии, за што од компанијата се надеваат дека ќе има големо влијание во индустријата за фотоволтаци кои се вградуваат на зградите, па и во други области.
Компанијата е специјализирана за производство на органски соларни ќелии – фотоволтаични уреди направени од тенкослојни органски материјали со полупроводнички својства. Во декември минатата година истражувачите во компанијата успеале да постигнат ефикасност на преобразба од 9.8%. Ова може не делува многу споредено со моментално комерцијалните монокристални и поликристални фотоволтаици кои имаат степен на преобразба од 12 – 18, а да не ги спомнуваме и експерименталните 36.9 % на компанијата Sharp (тука повеќе), но во светот на органските фотоволтаични ќелии тоа е навистина огромно достигнување. Имено, просечната ефикасност на овој тип на соларни ќелии се движи меѓу 4 и 8%.
Но, од Heliatek се свесни дека во денешно време ефикасноста не е единственото мерило за квалитет на соларните ќелии. Од компанијата истакнуваат дека нивните ќелии се ултралесни и ултратенки, што би им овозможило лесно вградување на фасадата на која било градба, без потреба од дополнителни држачи. Типичните панели тежат некаде помеѓу 10 и 15kg за метар квадратен, додека овие панели тежат само половина килограм по метар квадратен, а се потенки и од еден милиметар.
За да ги постигнат овие карактеристики, од Healiatek користеле посебен органски олигомер. Овие органски молекули се помали од полимерите кои се користат кај класичните соларни ќелии, но имаат поголем коефициент на апсорпција. Поголемиот коефициент на апсорпција на сончева светлина значи дека е потребен слој материјал со помала површина за прибирање на истата количина светлина.
Индустрискиот сектор на фотоволтаици кои се вградуваат на зградите (Building Integrated Photovoltaics – BIPV) се смета за една од најперспективните гранки во претстојните години. Според некои истражувања, годишните приходи во овој сектор, кои во 2010 година изнесувале 744 милиони долари, се очекува до 2016та да изнесуваат и до 4 милијарди долари. Но, за ова да успее, треба да се подобри естетскиот аспект на технологијата, со цел панелите беспрекорно да се вклопат во кој било вид на градба, како и да се подобри ефикасноста на самите соларни ќелии, што би обезбедило побрзо исплаќање на инвестицијата.
Од Heliatek тврдат дека го имаат решението и за овој проблем. Имено, нивниот од материјал можеле да се изработат полупроѕирни модули што личат на затемнето стакло, кои лесно ќе се вклопат на секоја зграда, но и на уште еден објект кој има потреба од стабилен извор на енергија – автомобилите.
Можеби најдобрата работа кај овие ќелии е што материјалот е навистина еколошки – за изработка на модулите се користат 99% PET пластика, малку алуминиум и органски бои. Сите овие материјали се рециклираат или се биоразградливи.
2 Comments
Анонимен
Многу убава и корисна информација! Благодарам.
Zlatko
Dali ima tuka vo Makedonija da se kupat poedinecno solarni kelii pa da mozes posle sam da si sostavis panel