Вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески, директорката на Секторот за енергетски проекти при Европската банка за обнова и развој Нандита Паршад и генералниот директор на АД ЕЛЕМ Влатко Чингоски денеска во Скопје ќе потпишат договори за гаранција и за финансирање на хидроелектраната „Бошков мост“
„Бошков мост“ се предвидува да се изгради на Мала Река, блиску до градот Дебар и магистралниот пат Скопје-Дебар-Струга. Со нејзината изградба, што ќе чини околу 80 милиони евра, се предвидува целосно енергетско искористување на хидропотенцијалот во Мала Река.
Предвидена е изградба на брана со висина од 44,4 метри и акумулација со зафатни градби на сите притоки на Мала Река, деривациски канали, главен доводен деривациски тунел, цевовод и машинска зграда.
Хидроелектраната „Бошков мост“ треба да профункционира по четири години. Нејзината инсталираната моќност ќе изнесува 68,2 мегавати со просечно годишно производство од 117,54 гигават часови.
Проектот предвидува работите за изградба да стартуваат кон крајот на годинава или најдоцна на почетокот на наредната година.
Преземено од Нова Македонија