ОД 2012 ГОДИНА ОД ОТПАДОТ ЌЕ СЕ ДОБИВА СТРУЈА
По два пропаднати обида на претходните раководства за производство на струја од депонираниот отпад, сегашниот директор Горан Ангелов најавува трет обид и уверува дека ќе биде успешен
За наредната година од јавното претпријатие „Дрисла“ најавуваат “трета среќа“ за воведување на проектот за искористување на ѓубрето за производство на електрична енергија. Во изминативе пет години двајца директори потрошија драгоцено време и пари за овој проект, без работите воопшто да ги помрднат од место. Беа изработени две студии, но тие пропаднаа поради недоволен ангажман на раководствата.
Сега повторно се актуализира можноста од отпадот во депонијата „Дрисла“ да се произведува електрична енергија. Директорот на депонијата „Дрисла“, Горан Ангелов, вели дека е оптимист дека овој обид ќе биде успешен. Според него, депонискиот гас би почнал да се искористува веќе од наредната година.
– Направена е нова физибилити-студија која предвидува дупчње на 70 бунари во телото на депонијата. Од нив ќе се вади гасот кој потоа ќе се носи во резервоари, а на крај ќе согоруваат во турбини – објасни Ангелов.
Електричната енергија што би се добивала со искористување на метанот од депонијата „Дрисла“, според директорот, би носела приходи од 500.000 евра годишно. Тие средства потоа би се користеле за разни интерни инвестиции.
Самиот проект, пак, за копање на бунарите и искористување на гасот од распаѓањето на ѓубрето ќе чини меѓу 1,5 и 2 милиона евра.
Во четврток англиската фирма „Мот Мекдоналд“ треба да им го предаде финалниот проект на Градот и на „Дрисла“, кој е финансиран од ИФЦ – групација која е дел од Светската банка.
– Оваа фирма на Градот му предложи најоптимална технологија која ги задоволува европските директиви, земајќи ја предвид економската моќ на граѓаните од скопскиот регион – нагласи Ангелов.
Тој потсети дека во време кога била отворена депонијата, за оваа цел имало ископано 40 бунари. Но за време на Косовската криза во 1999 година тие во голема мера биле уништени, објаснува директорот. Од бегалските кампови, во депонијата дополнително се носеле од 600 до 700 тони смет, па поради несоодветната механизација и ракувањето со неа, бунарите биле значително оштетени.
Произведената електрична енергија, рече тој, потоа ќе се продава на ЕВН, а дел ќе се користи за затоплување на работните простории.
За потсетување, досега имаше два обида за искористување на метанот за производство на струја. Првиот пат беше пред пет години кога јапонската фирма „Шимицу“ беше ангажирана да посочи каква технологија е потребна за да се произведува струја, како и колкаво количество би се добивало од гасот. Во проектот беше вклучена заедно со јапонската влада, но до реализација не дојде. Според директорот, јапонската фирма не ја предала финалната верзија, а една од причините за неуспех е и недоволната заинтересираност на тогашното раководство на јавното претпријатие „Комунална хигиена“. Вториот пат беше за време на директорувањето на Златко Димовски, кога тој најавуваше соработка со италијанска фирма, но и тој обид пропадна. Директорот Ангелов и во овој случај нагласи дека никогаш не дошло до финален проект, само до прелиминарна фаза.
Анела Петрова
Преземено од Дневник