Познатите производители на апарати за домаќинство, прават ладилници кои имаат голем потенцијал на заштеда на електрична енергија. Ваков вид на ладилници можат да бидат поскапи од класичните ладилници, но со текот на времето инвестицијата се враќа преку заштеда на електричната енергија. Но не е доволно само да пазарите ладилник со А или А+ енергетска класа, вие истиот ладилник морате и правилно да го користите и одржувате.
Колку ладилникот ќе троши електрична енергија зависи од повеќе фактори. Еден од клучните фактори е температурата на просторијата каде ќе го поставите ладилникот. Ладна просторија која е во непосредна близина на кујната е идеално решение. Ладилникот не смее да биде поставен во непосредна близина на шпорет, радијатор или некое слично грејно тело.
Ладилникот ја испушта топлината од својот заден дел, па од таа причина ладилникот треба да е оддалечен од ѕидот минимум 5 cm или доколку постои можност 10 cm. Исто така, редовно чистете ја прашината што ќе се собере зад задниот дел на ладилникот.
Идеалната температура во ладилникот треба да биде 5 ºC. Доколку сакаме да биде помала, тоа повеќе ќе нè чини.
Вратата на ладилникот треба добро да се затвори и никогаш не треба да ја држиме долго отворена. Топлите јадење не треба да ги ставаме во ладилникот.
Ладилниците кои во себе содржат штетни материи како што е фреон, од кога ќе престанеме да ги користиме треба да ги одложиме на посебен отпад.