Денешниот пост ќе го посветиме на 1 мај – денот на трудот. Овој ден во некои држави се прославува со протести, митинзи и слично, додека кај нас и во државите на поранешната СФРЈ 90% се слави во природа , со скара. Поради оваа традиција се одлучивме да напишеме невообичаен пост, кој што можеби не се вклопува во тематиката на сајтот. Имено денес, како што можевте да забележите по самиот наслов ќе се занимаваме со тоа како да приготвиме вкусна скара.
Предностите на скарата се бројни – брзо подготвување на месото, погодна е за поголемо друштво, а и самото месо е повкусно доколку се приготвува на скара во природа, отколку дома на шпорет. Освен тоа покрај месото, на скарата може да приготвуваме и зеленчук, печурки и слично. И она што е можеби и најважно, не морате да бидете како Гордон Ремзи за да приготвите добра скара. За секој случај во продолжение ќе Ви пренесеме неколку вообичаени совети во врска со тоа како да приготвите добра скара:
- За месото да не се лепи за решетката, премачкајте ја со сланина, или масло. Исто така во прачките кои што ќе ги искористете за ложење, поставете неколку суви лозови прачки за да месото добие посебна арома.
- Решетката треба да биде 15 сантиметри оддалечена од жарот
- За месото да биде помеко и повкусно, потребно е да биде поставено во маринада која што треба да биде соодветна според видот на месото. Обично се приготвува маринада, од масло, лук, сол, пипер и други зачини.
- Плескавиците се печат максимално 5 минути, доколку истата е 2 cm дебела
- Пилешки филети се печат максимално 10 минути. За да не бидат суви истите треба да се премачкуваат со масло
- Колбасите се печат максимално 10 минути.
Претпоставувам дека ова веќе скоро сите го знаете но не е лошо да се потсетите.
Е сега доколку сакате да испробате нешто ново, поточно еколошки вид на скара, тогаш направете си соларно шпоре, или пак купете си едно такво 🙂
Исто така, кога ќе го завршите првомајскиот излет, соберете ги сите остатоци од храна, пластични чаши, лименки, стаклени чаши и слично, во посебна кеса која што ќе ја исфрлите во контејнер.