Со донесувањето на новиот Закон за енергетика во 2011 год. и усвојувањето на Стратегијата за развој на енергетиката и Стратегијата за енергетска ефикасност во 2010 год., се исполнија главните предуслови за развој и имплементација на политиките за енергетска ефикасност во Македонија. Сепак и две години подоцна (април 2013) ситуацијата на терен укажува на тоа дека искористувањето на сопствениот потенцијал за енергетска ефикасност се уште е голем предизвик за државата.
Согласно Законот за енергетика, општините се обврзани да подготвуваат програми за енергетска ефикасност, со што почна да се децентрализира оваа област. Овој процес овозможи од една страна одредени општини да станат лидери во подготовка на амбициозни програми за енергетска ефикасност и во нивна реализација, но од друга страна се појави проблемот многу општини да заостануваат со своите програми пред се поради недоволно човечки и финансиски ресурси. Имено, според последниот годишен извештај на Агенцијата за енергетика, од 80 општини (пред 2013 – 84 општини) само 32 доставиле тригодишни програми за енергетска ефикасност до Агенцијата за енергетика со цел добивање на мислење за усогласеност на истите со Стратегијата за енергетска ефикасност и Акциониот план за енергетска ефикасност, од кои само 12 добиле позитивно мислење. Исто така Агенцијата за енергетика има наведено дека квалитетот на програмите не бил на задоволително ниво. Ова е алармантен податок за општата ситуација за самото донесување на програмите, а друго прашање е колку од донесените програми се спроведуваат на терен.
Од друга страна како позитивни примери можат да се наведат општина Карпош која е единствена во Македонија која на сопствена територија донесе локален Правилник за мерките за енергетска ефикасност кои треба да ги исполнат проектите за нови и реконструкција на постоечки објекти како услов за добивање на одобрение за градење од општина Карпош. Со усвојување на Правилникот, на територија на општина Карпош се градат енергетски ефикасни објекти кои имаат намалени трошоци за греење. Добар пример е и општина Кисела Вода која неодамна ги објави позитивните резултати од конкретната примена на мерките за енергетска ефикасност во 40 јавни објекти – имено за периодот од 01.01.2011 до 31.03.2013 направена е огромна заштеда од околу 740.000 евра.
Иако енергетската ефикасност е децентрализирана политика, одредени надлежности имаат и институциите на централно ниво во поглед на креирањето и имплементирањето на истата. Имено, на национално ниво според последни информации добиени од Министерството за економија (април 2013), се уште не се донесени дел од релевантните подзаконски акти во областа на енергетската ефикасност како Правилникот за енергетски карактеристики на зградите и Правилникот за енегетска контрола, кои иако се изготвени не се донесени, со оглед на тоа што нивното донесување зависи од Законот за изменување и дополнување на Законот за енергетика, кој е во постапка за донесување. Доцнењето со донесувањето на овие подзаконски акти кои подетално би ја регулирале областа беше и причина што општина Карпош донесе локален Правилник со цел да може преку локален пропис да поттикне градење на енергетски ефикасни објекти на своја територија. Освен тоа, не е основан ни долгопланираниот Фонд за енергетска ефикасност, кој стои на хартија уште од 2004 год., што доколку би постоел би бил еден од главните извори за финансирање на проектите за енергетска ефикасност што секако би им ја олеснило работата на општините, бидејќи недостатокот на финансиите беше идентификуван како една од поголемите пречки за реализирање на програмите за енергетска ефикасност.
Со оглед на нереализирањето на дел од клучните елементи како подзаконските акти и Фондот, може да се заклучи дека државата се соочува со статус кво во однос на имплементацијата на политиката за енергетска ефикасност. Единствен позитивен развој во областа на енергетската ефикасност се забележува од децентрализација и појавата на општини со иновативни програми за енергетска ефикасност кои се спроведуваат и се поддржани од градоначалниците на општините. Со цел Македонија да излезе од состојбата на стагнација со политиките за енергетска ефикасност треба да почне од почеток со донесување на релевантните подзаконски акти, основање на Фондот за енергетска ефикасност или обезбедување на друг вид на соодветно финансирање на проектите од областа. Исто така клучна е и промоција на постигнатите позитивни проекти за енергетска ефикасност на локално ниво, но и поддршка на општините кои заостануваат во областа преку размена на искуства со поискусните општини, донаторска помош, вмрежување, обуки и секако зголемување на свеста особено кај градоначалниците за обврската но и користа од имплементација на мерките за енергетска ефиканост. Дел од експертите предлагаат и посебен закон за енергетска ефикасност со што би се олеснило донесуваањето на подзаконските акти. Најважно е дека само со конкретна имплементација на законските обврски и силна политичка и институционална волја, Македонија би остварила напредок во областа на енергетската ефикасност и би ја надминала сегашна состојба на стагнација.
One Comment
Pingback: Имплементација на политиките за енергетска ефикасност во Македонија – краток преглед на нацрт Вториот акционен план за енергетска ефикас