Сношти во Лондон и официјално беа отворени триесетите Олимписки игри, но во некои спортови натпреварите почнаа уште пред два дена, па така веќе падна и еден светски рекорд во стреличарство.
Но, кога сите светла се вклучени и насочени кон спортските арени, ретко кој се прашува колку всушност трошат тие светла? Според организаторот, на оваа Олимпијада посебно внимание ѝ е посветено на одржливоста и давање на најголемиот спортски собир една „зелена“ нијанса.
-Секои Олимписки игри претставуваат предизвик и можност во смисла на подигање на стандардот во однос на претходните Игри, во поглед на зачувување на околината, па ни Лондодн не е исклучок – вели директорот на Програмата за околина на ОН ( УНЕП), Ахим Стајнер.
Според него, сè досега научено претставува патоказ за секој наред град домаќин, па така и Лондон ќе остави траен белег во олимпизмот и заштитата на околината.
Игрите во Лондон се првите кои воведоа систем за следење на карбонски отпечаток кој ќе биде активен сè до крајот на Игрите во август. Ова се исто така првите Игри кои си имаат зацртано цел за постигнување нулто ниво на отпад со што треба да се рециклираат и повторно употребат дури 98% од отпадот.
И други мерки биле преземени во таа насока. Така на пример, во согласност со мерките за одржливост, една напуштена индустриска зона која беше тешко загадена сега е исчистена, а голем дел од употребливите материјали се искористени при градењето на некои спортски објекти кои ќе се користат за време на Игрите.
За следење на влијанието на Игрите врз околината, организациониот комитет на Олимпијадата ќе користи нов водич за процена на одржливоста направен од Global Reporting Initiative, партнерска организација на УНЕП. Од комитетот исто така уверуваат дека ќе организираат јавен транспортен систем кој има за цел да вклучи околу 1 милион луѓе што би пешачеле или возеле велосипед до настаните кои сакаат да ги следат.
Но, не е сè така сјајно во британската престолнина. Транспортот на посетителите не се одвива баш онака како што замислиле од Комитетот, па на многу места се јавуваат застои и други проблеми. Исто така, на самиот почеток на Игрите температурите во Лондон се покачија, а со тоа и загадувањето на воздухот. Британските власти објавија предупредување дека озонската концентрација на некои места изнесува и до 190 микрограми на кубен метар. Според препораките на Светската здравствена организација, нормалното ниво изнесува 100 микрограми на кубен метар.
Ова може значително да влијае на постигнувањето добри резултати затоа што спортистите се особено чувствителни на загаден воздух.
Сепак, и покрај овие недостатоци, организаторите се надеваат дека ова ќе бидат најеколошките Игри одржани досега.