Скопје, 30.10.2012 – Порастот на потрошувачката на енергија во Република Македонија во текот на последната деценија е два пати поголем. Со цел зголемување на енергетската ефикасност формирана е „Групација за енергетска ефикасност и производство на енергија“ во рамките на Индустриската комора при Сојуз на стопански комори на Македонија. За претседател едногласно е избран г-дин Александар Толевски, директор на компанијата „Интебако“.
„Во моментот групацијата ја сочинуваат 20-тина компаниии од секторот енергетика. Идејата е да се артикулираат односите меѓу реалниот економски сектор во енергетиката и институциите кои со закони и подзаконски акти ја регулираат целата материја. Постојат различни гледишта за една иста точка некои работи се заглавени во процедурите и токму затоа сметаме дека во отворен дијалог со институциите ќе најдеме соодветни решенија и заеднички ќе работиме со засилена динамика. Многу важно да се донесат законски акти и правилници за енергетската ефикасност на објектите, нивно категоризирање во зависност од потрошувачката на енергија (топлинска и електрична), нормирано по квадратен метар, број на корисници и сл. Тоа е пракса во многу земји каде изразено преку различни бенефиции, даночни олеснувања се стимулираат сопствениците на објектите да бидат порационални во самата потрошувачка. Нашата зејма е соочена со проблеми во енергетскиот биланс и од производство и од потрошувачка, значи ние малку произведуваме, а многу трошиме по единица производ или по единица квадрат. Сиромашни сме со ресурси, што значи немаме фосилни горива, нафтени деривати, единствено имаме малку јаглен во Битола. Неопходно е да работиме и на заштеда и на зголемување на производството. Од потребите за енергија една третина е од увоз – зборувам за електирката, а фосилните горива и нафтата 100 проценти се увезуваат. Наша цел е да помогнеме на цел еден кластер на фирми во производството на енергијата”, вели Толевски.
И директорот на Агенцијата за енергетика, г-дин Лазар Гечевски ја поздрави „Групацијата за енергетска ефикасност и производство на енергија“ и истакна дека на овој начи ќе се добие позитивен инпут на идеи, кои ќе придонесат за квалитетно поставување на работите во енергетиката.
„Македонија има потреба од 9 до 10 TWh електирчна енергија, во моментов произодството е само 6 TWh, со што имаме голема зависност од увоз. Токму затоа сакаме да го ублажиме тој увоз преку имплементација на енергетската ефикасност, што значи користење на помалку енергија, без да се намали квалитетот на живеење. Во делот на обновливи извори на енергија можеме да направиме потег да ги намалиме повластените тарифи, но мора да имаме таква цена со која ќе ги привлечеме инвеститорите да вложуваат во таа проблематика. Интересот на двете сфери треба да создаде партнерски однос така што државата ќе го добие она што го побарува без да инвестира свој капитал, а во одреден временски период со праг на рентабилност не поголем од 8 години, капиталот да биде вратен. Понатаму тие производни капацитети ќе дадат нови зелени енергии неопходни за Македонија, отворање нови работни места, квалитетна електрична енергија, затоа тежнееме како институција да направиме повеќе правилници. Кога би се оформил Закон за енергетска ефикаснот би направиле правилник за енергетска ефикасност во здравство, земјоделство, транспорт, туризам”, истакна Ѓечевски.
Групацијата за енергетска ефикасност при Сојуз на стопански комори, ќе дејствува кон спроведувањето на мерките за енергетска ефикасност за намалување на сметките за електрична енергија. Заштедените средства може да се искористат за подобрување на стандардот на живеење и работење на работниците, потрошувачите и граѓаните.
Извор: Сојуз на стопански комори на Македонија