Една од работите кои ја одбележаа ова есен се протестите за поскапувањето на струјата организирани од здружението АМАН. Во прв момент се побуди голем интерес и доста од тој револт за цените на струјата и парното беше излеан на улица преку протестите кои ги организираше ова здружение. Иако никој не ја доведе во прашање оправданоста за револтот од скапата струја и парното во некои неформални кругови на експерти кои се детално запознаети со ситуацијата во енергетиката изразија сомнеж за формулацијата и поставеноста на дел од барањата кои беа поставени како цел. Тоа е нешто за што нема да пишувам, но ќе упатам на еден одличен напис за состојбата во енергетиката во Македонија: Демистификација на енергетските прашања во Mакедонија – за што всушност треба да се протестира. Одлична анализа која дава едно одлично светло на ситуацијата со парното и струјата. Во секој случај целта не ми е да влегувам во полемика за тоа како треба или што би било најдобро во цела оваа ситуација со струјата и парното. Целта е еден мал осврт и презентација на еден стар предлог кој според мене е доста елегантно решение кога е во прашање борбата против енергетската сиромаштија
Имено веќе виден модел е примена на блок тарифи за потрошувачите на електрична енергија. Уште во 2007 од страна на консултанската куќа Хантон и Вилијамс која беше ангажирана од тогашната влада му беше препорачано на тогашниот министер за економија Вера Рафајловска – блок тарифи и блок тарифи со субвенционирање. Проект кој тогашната министерка позитивно го отцени и беше во корелација со нејзните замисли и проекции. Проектот требаше да биди во соработка со ЕБОР и требаше да биди проект за спас од енергетска сиромаштија. Имено со првиот модел беше предвидено домаќинствата со потрошувачка на струја од 250 до 300 киловат-часови месечно да плаќаат една цена, а за потрошени над 300 киловат-часови струјата да биде многу поскапа. Во исто време како дел од овој предлог беше предвидено субвенционирање на струјата за најзагрозените групи на граѓани. Така беше предвидено за нешто повеќе од 70.000 социјални семејства да им се субвенционира сметката за струја до одреден износ на потрошени киловати. Според тогашната министерка со овој предлог би се подтикнално населението да штеди и да се насочи населението повеќе кон користење на алтернативни извори на енергија.
За тоа дали е добар предлогот, кои би биле ефектите од него врз економијата и дали е истиот одржлив е нешто кое веројатно треба подлабока и поисцрпна анализа за која во моментот немаме доволно информаци. Сепак она што можи да се заклучи од предлогот е ефектот кој тој би го имал врз крајниот потрошувач – граѓанинот. Впечаток е дека со него би се заштитила најранливата група на потрошувачи – социјалните случаи, додека граѓаните кои се со поголеми примања и кои во просек имаат значително поголема потрошувачка на енергија по домаќинство би имале поинаков однос кон потрошувачката на електрична енергија и енергетска ефикасност. Така таа класа на граѓани која може да си дозволи да размислува за инвестиција во енергетска ефикасност сигурно би инвестирала во истата доколку тоа значи помала цена за потрошен киловат час електрична енергија. Како додаток на тоа бенефит би имале компаниите кои нудат енергетски ефикасни системи, како и државата која би ја намалила својата зависност од увозна струја. Покрај нив веројатно и компанија како ЕВН би профитирала преку подобра наплата, помалку исклучени и незадоволни потрошувачи, како и помалку стресни ситуации на работното место за нејзините екипи на терен и инкасантите 🙂
Сепак за реализација на еден ваков предлог има доста други работи кои треба да се земат во предвид пред истиот да го види светлото на денот. Иако од еден агол изгледа како идеално решение има доста детаљи кои би требало да бидат прецизирани со вистински мерки и решенија како се би функционирал добро во пракса. Додека тоа не се случи или не се најди некое подобро решение ни останува на сите да се снаоѓаме со тековната ситуација како знаеме и умеееме.
Она што ние порталот Енергетска Ефикасност во моментот може да понуди е понекој туторијал и совет како да се заштеди на сметките за електрична енергија.