Од септември 2013 ќе се започне со изградба на ХЦ „Чебрен“ и ХЦ „Галиште“. Денеска во просториите на Министерството за економија, министерот Валон Сарачини потпиша договор со Џаи Фу Јуан претставникот на кинеската компанија „China Gezhouba Group Corporation“. Вредноста на инвестицијата изнесува 750 милиони евра а изградбата ќе биде фазна. Првин се планира изградба на ХЦ „Чебрен“ а потоа на ХЦ „Галиште“. Првите киловат часови од овие централи ќе „потечат“ од 2019 година.
„Со потпишувањето на овој договор конечно ставивме точка на изградбата на овој значаен хидроенергетски систем. Со планираните проекти на енергетска ефикасност, како и со реализација на проектите за искористување на обновливите извори на енергија, Македонија не само што ќе стане енергетски независна држава, туку и значаен извозник на овој стратешки значаен производ.“, изјави на прес конференцијата министерот за економија Валон Сарачини.
„Среќни сме што потпишавме ваков значаен договор со македонската влада за изградба на ХЦ „Чебрен“ и ХЕЦ“Галиште“. Нашите компании во соработка со нашите колеги од Македонија ќе го пренесат искуството на изградба на големи хидроенергетски системи. Ова е само почеток на нашата успешна соработка.“ изјави Џаи Фу Јуан претставникот на кинеската компанија „China Gezhouba Group Corporation“
Изградбата на хидроцентралите ќе се финансира со помош на кинеската ЕКСИМ банка. Вредноста на кредитот изнесува 750 милиони евра, со период на враќање од 25 години и со се вклучен мораториум од 5 години. Според потпишаниот договор македонските градежни компании ќе учествуваат со 40% од вкупните градежни работи.
Со изградбата на овие две централи, конечно ќе се искористи хидро енергетскиот потенцијал на реката Црна. Инсталираната моќност на овие централи изнесува 526 MW од што ХЦ „Галиште“ со 193 MW, додека ХЦ „Чебрен“ со 333 MW. Кинеската компанија која што ќе ги гради овие хидроцентрали е позната по изградба на познатиот хидроенергетски систем „Три клисури“ во Кина.
Покрај изградбата на ХЦ „Чебрен“ и ХЦ „Галиште“, кинеската компанија е заинтересирана за изградба на пловниот канал „Дунав-Велика Морава-Вардар“. Колку е заинтересирана за изградба на овој грандиозен проект сведочи и фактот, дека минатата недела оваа компанија потпиша договор со српското министерство за природните ресурси за бесплатна изработка на студија на изводливост на овој проект.
Пријатели, среќен 1 април! Останете несериозни и насмеани!