Според донесената Програмата за Стратегијата за развој на енергетиката до 2017 година, се планираат инвестиции од 1,26 милијарди евра кој што ќе бидат инвестирани во наредните 5 години. Планираните инвестиции ќе бидат насочени во ревитализација на инфраструктурните објекти во енергетскиот сектор.
Во планираните проекти се вклучени: изградба и пуштање во употреба на хидроцентрали „Бошков мост“, „Чебрен“, „Луково Поле“, изградба на две ТЕТО на гас, ветерен парк во Богданци, изградба на далноводите кон Србија и Албанија, гасификација итн. Според ресорниот министер Ваљон Сарачини, стратегијата ги предвидува сите потреби на македонскиот енергетски сектор и истата треба да создаде соодветни услови за стопански раст. Според министерот, околу 467 милиони евра се потребни за реализацијата на проектите на ЕЛЕМ, проектите во вредност од околу 400 милиони евра ќе бидат финансирани по пат на приватно јавно партнерство, 160 милиони евра ќе бидат инвестирани од страна на приватниот сектор и проектите на МЕПСО во вредност од околу 110 милиони евра.
Државата и локалната самоуправа ќе издвојат 75 милиони евра за изградба на гасоводниот систем. Според академиците Глигор Каневче и Абдулменаф Беџети, изминатиот период вложувања во овој сектор речиси воопшто немаше, но последниве години не е така. Евидентни се бројни активности иако и тоа не е доволно. За да се сменат состојбите неопходно е инвестирање од најмалку една деценија. Согласно направените студии, до 2017 година потрошувачката на електрична енергија на годишно ниво ќе се зголеми и ќе изнесува 10.500 гигават часови.
За утврдување на потребите од енергија има две сценарија. Според првото, потребите од финална енергија до 2017 година се очекува да растат со просечна стапка од 3,8 отсто, а според второто со стапка од 2,7 проценти годишно.