Наместо да плаќаат данок и пенали кон државата, компаниите се согласни да издвојуваат фиксен надомест во посебен фонд по примерот на Норвешка
Ќе се формира посебен фонд за заштита на животната средина и намалување на загадувањето по примерот на Норвешка. Ова е заклучокот од вчерашниот индустриски форум, посветен на финансирање на оперативните планови за интегрирано спречување и контрола на загадувањето. Претставниците на големите индустриски капацитети во Македонија се согласија да се формира ваков фонд, за компаниите успешно да се носат со проблемите во животната средина, но и да продолжат да работат и да можат да се соочат со економските предизвици. Форумот го организираа Министерството за животна средина, Стопанската комора на Македонија и центарот за климатски промени „Норт енерџи“ од Норвешка. Претставниците на „Норт енерџи“ го посочија искуство на Норвешка, каде што постои ваков фонд, и емисиите на азотен моноксид од 2008 година до денес се намалиле за 12 проценти.
– Наместо да и плаќа на државата, бизнис-заедницата од Норвешка потпиша еколошки договор за развивање на овој таканаречен НОџ фонд. Фиксниот надомест што се плаќа во фондот е значително понизок отколку данокот што компаниите би и го плаќале на државата, но се разбира услов е да се намали загадувањето. Ние предложивме неколку промени во македонските закони, како и ревизија на системот за надомест за тој да биде фер, реалистичен и поедноставен за разбирање како во Норвешка – истакна Магнус Лосет од „Норт енерџи“, кој е изненаден што никој од индустријата не ги користи нивните понуди за бесплатни консултации и не побарал помош од нив.
На форумот беше презентирано и искуството на „Окта“ во исполнување на еколошките стандарди, за што во изминативе неколку години компанијата инвестирала околу 22 милиони евра. Забелешките на некои домашни компании беа во насока на олеснување на еколошките барања за модернизација и за развој. Цементарницата „Усје“ предложи, наместо компаниите да плаќаат еколошки пенали, овие средства да може да ги инвестираат во нова технологија.
– За екологијата се потребни големи инвестиции. Денес компаниите треба да плаќаат за емисиите, а од друга страна да инвестираат во технологија, а многу малку од нив се подготвени да го направат тоа – рече претставникот на Усје.
Од „Макстил“ беше посочено дека во Европа над 30 проценти од индустриите слични на нашите сé уште не го реализирале тоа што ние треба да го направиме во делот на екологијата.
Автор: А.С.Д.
Преземено од Нова Македонија