Според податоците на UNEP (UN Environment Programme) вкупните вложувања во обновливите извори на енергија достигнаа сума од 211 милијарди долари во 2010 година. Лидери во вложувања во обновливи извори на енергија беа Кина и земјите во развој со износ од 72 милијарди долари, додека развиените земји вложија „само“ 70 милијарди долари.
Европа во 2010 година забележа пад на инвестирање во големите проекти (само 35,2 милијарди евра), но повеќе се инвестираше во помали проекти. Акцентот беше ставен на инсталирање на фотонапонски соларни панели на крововите на индивидуалните домаќинства. Како основна причина за зголемување на инсталирање на фотонапонски соларни панели се наведува намалувањето на нивната цена за околу 60% во однос на 2008 година. Како причина за намалено инвестирање во големи проекти се обвинува ретроактивно намалување на стимулативните тарифи за откуп на електрична енергија од обновливи извори на енергија. Шпанија и Чешка веќе ја воведоа оваа мерка, додека Германија и Италија најавија намалување на стимулативните тарифи, но само за нови проекти.
Намалувањето на цените на ветерните генератори, за резултат имаше зголемување во инвестирање во ветерната енергија за 30% (2009-2010) и изнесуваше 94,7 милијарди долари. Инвестициите во соларната енергија изнесуваа 86 милијарди долари (+52%), во биомаса и енергија од отпад се вложени 11 милијарди долари, додека инвестициите во биогорива се намалија од 20,4 милијарди долари во 2009 на само 5,5 милијарди долари во 2010 година.
Корпорациите ги намалија и инвестициите во истражување и развој на обновливите извори на енергија за 12%, додека државниот сектор го зголеми инвестирањето во истражување и развој за скоро 121%.