Повеќе пати пишувавме за намерата на американскиот инвестиционен фонд за изградба на најголемата сончева централа. Но поради недоразбирањата со српската влада, овој инвестиционен фонд ќе крени раце од вкупниот проект и ќе ја тужи српската влада, поточно ќе бара отштета во вредност од 160 милиони евра.
Доколку српската влада до 23 август, поточно Министерството за енергетика не обезбеди адекватна локација за изградба на сончева централа, Securum Equity Partners & Associates ќе бара отштета во вредност од 160 милиони евра.
„Вкупната инвестиција вреди околу 1,75 милијарди долари. Нашата обврска е да го завршиме до 2015 година. За да го реализираме овој проект потребно ни е 30.000 хектари на земја, која што треба да биде обезбедена од страна на Владата на Република Србија. Проблемот е што српската влада обезбеди земјиште кое што не е адекватно, поточно само 135,5 хектари се адекватни за поставување на сончеви панели.“ изјави Игор Вукмировиќ претставникот на инвеститорот.
Од друга страна, Дејан Трифуновиќ, помошник во Министерството за енергетика, ги демантира наводите дека Србија ќе плати отштета во вредност од 160 милиони евра.
„Во договорот кој што го потпишавме, нема одредба која што би ја обврзала нашата страна на плаќање на отштета. Државата ги реализира сите свои обврски кон инвеститорот. На компанијата е понудено десет пати поголема површина за поставување на сончеви панели. Инвеститорот не понуди ниту една конкретна инвестиција, така да нема никаков основ за барање на отштета.“ изјави Трифуновиќ.