Со 4.000 електрични автомобили, Осло, главен град на Норвешка, стана главен град на електрични автомобили. Осло има повеќе електрични автомобили по глава на жител за разлика од други главни градови. Електричните автомобили се видливи на секој чекор – од малиот Buddy до спортскиот модел Тесла, кој брзината од 100 километри на час ја достигнува за 4 секунди.
Норвешка, која е инаку еден од главните светски извозници на нафта, постави пред себе амбициозна цел: до 2020 година да се намалат емисиите на штетниот јаглен диоксид за 30%! Електричните автомобили тука играат значајна улога, бидејќи 40% од вкупните емисии на јаглен диоксид доаѓаат од транспортниот сектор, а 60% од тие 40% доаѓаат од возилата што користат горова од нафтени деривати. Се проценува дека 3.891 електрични автомобили што се во употреба имаат заштедено 6.000 тони на CO2 во текот на една година.
За да се зголеми бројот на електричните автомобили, норвешката влада донесе голем број на даночни поттици како за постоечките сопственици на електрични автомобили, така и за идните корисници на истите. Така, на пример, тие можат бесплатно се паркираат на јавните паркинзи, да ја користат лентата наменета за јавниот превоз и што е најбитно, можат бесплатно да ги користат станиците за надополнување на батериите.
Електричниот автомобил е скапа инвестиција, но неговото користење е исплатливо на подолг временски период. Имено, ако батеријата ја дополнувате дома тоа ќе Ве чини неполни 2 евра, колку што чини еден литар бензин.
Како најголем проблем се јавува нивното надополнување со електрична енергија. Од таа причина норвешката влада презеде чекори кон создавање на национална мрежа за брзо полнење на батерии. Тоа ќе има овозможи на корисниците да ги наполнат батериите за само 20 минути, наместо досегашните 7-8 часови.