Во просториите на Министерството за економија се одржа јавно отварање на понудите во постапката по петтиот Јавен повик за доделување на концесија за вода за производство на електрична енергија од 44 мали хидроелектрични централи, објавен во „Службен весник на РМ“, од 23 февруари 2011 година.
Во согласност со тендерските правила понудувачите можат да поднесат понуди за повеќе локации за изградба на мали хидроелектрични централи. Понудите треба да содржат идеен проект со технички карактеристики за малата хидроелектрична централа.
До крајниот рок за доставување на понуди во Министерството за економија пристигнаа понуди од вкупно 23 понудувачи. Од понудените 44 локации пристигнати се понуди за вкупно 28 локации. На тендерот покрај домашни компании, аплицираа понудувачи и од Германија -PCC SE, Италија- C.M. M. Fratelli, SOL SPA, Condote SPA, Швајцарија -B.V. Construction и Бугарија- Енергоремонт АД. Поголем број од понудувачите доставија понуди за повеќе локации. Најголем интерес имаше за локациите на реките Јабланица, Крива река, Кажани и др.
По спроведеното јавно отварање ќе следи евалуација на понудите и избор за најповолен понудувач за секоја од локациите за кој е доставена понуда.