Вчера во вестите на српскиот портал Б92, прочитав како во Србија се произведува околу 6 милиони тони на пепел, како нус производ на согорување на јаглен во термоелектраните. Проблемот е што таа пепел, покрај тоа што ја загадува човековата околина, не се користи понатаму како суровина, поточно се користи само 2,7% и тоа во производство на цемент.
Но оваа пепел не се користи само како суровина за добивање на цемент. Пепелта се користи како и суровина за изградба на автопатите. Според светските искуства, користењето на пепелта како суровина ја поевтинува изградбата на патиштата од 30-80%! Но, тука не е крајот на користење на пепелта. Таа исто така може да се искористи за производство на бетон, тули, керамика како и во хемиска индустрија, па дури за производство на козметика.
Пепелта е искористена во изградба на познати градби како што се зградите Кастор и Полукс во Франфурт, „Ист Бриџ„ мост во Данска, во највисоката зграда на светот Бурџ Дубаи, интернационален речен терминал Норфолк во С.А.Д., како и во низа други објекти.
Пепелта како дополнителна суровина за изградба на патишта најмногу се користи во Англија, С.А.Д., Холандија. Во Хрватска пепелта како суровина за изградба на патишта сè повеќе се користи, така што има потреба од увоз на истата!
Каде е Македонија во цела оваа приказна? Лично не најдов податок дали пепелта која е добиена како резултат на согорување на јаглен во РЕК Битола или РЕК Осломеј, се користи како суровина во која било дејност. Можеби и се користи, уште подобро. Исто така не најдов податок колкави количества на пепел се во прашање. Но, она што е сигурно е дека доколку пепелта се искористи барем за реконструкција на и онака лошите патишта кои што ги имаме, многу ќе направиме. Прво, ќе заштедиме во изградба на нови и реконструкција на стари патишта и второ, ќе го намалиме загадувањето на човековата околина.
Доколку имате пример дека во Македонија се користи ваков вид на пепел во индустријата јавете нѝ!
2 Comments
Nehat
Kako soobracaec vo avtopatska policija bezbroj pati imam sopreno cisterni za prevoz na praskasti materii koi od REK Bitola prevozuvaa pepel za Skopska Cementarnica.
Предраг Стојковски
Здраво Нехат,
Благодарам за информацијата. Добро е дека и кај нас се искористува пепелата, барем како нуспроизвод за добивање на цемент. Продолжи и понатаму да не пратиш!
Поздрав!