Пластиката која се собира од контејнери и од депонии, се меле во посебна машина, која потоа се става во реактор кој, со одредени реагенси и катализатори, се загрева на одредена температури и со разложување на молекулите се добиваат плин, нафта, керозин и бензин
Лазар Таневски (57) од Куманово е првиот производител на нафта на Балканот од преработка на стара пластика. Овој сопственик на отпад успеал во неговиот погон дневно да произведе околу 300 литри нафта, или за пет дена, колку што му работи погонот, 1,5 тон гориво со висок квалитет, кое веднаш може да се користи. Идејата за преработка на пластика на Таневски е стара 5 години, но се реализирала дури пред неколку дена. Првите количини на нафта Таневски ги користи за потребите на нивниот процес на производство.
“Пластиката која се собира од контејнери и од депонии, се меле во посебна машина, која потоа се става во реактор кој, со одредени реагенси и катализатори се затоплува на одредена температура, се разложуваат молекулите, по што добиваме 4 типа гориво: 15 проценти плин, нафта, керозин и бензин. Процесот на преработка на пластиката трае 8 часа. Кога ќе се подигне температурата на 200 степени, почнува да тече гориво. Еден тон пластика дава 1.000 литри гориво. Во процесот на производството нема никаква загуба, максимално се искористува пластиката, а отпадот е многу мал. Од 500 килограми пластика, имаме само 1 килограм отпад, кој гори и е појак од кокс”, објаснува Таневски.
Тој наскоро погонот ќе го дислоцира на периферијата на Куманово каде што ќе инсталира нови машини, и планира дневното производство да биде од 4 до 6 тони нафта дневно. Процесот на производството го следат професори од Технолошкиот и од Хемискиот факултет, како и инспекторот за животна средина од Куманово, а испитувањето на квалитетот на нафтата се врши во лабораторијата на “Окта”. Досегашните анализи покажале дека квалитетот е повисок од нафтата за домаќинство, бидејќи внатре има бензин, керозин и нафта кои, со хемиска обработка, можат да се добијат како чисти горива.
“Овој проект е за пофалба, и јас сметам дека сите релевантни институции треба да му дадат максимална поддршка за да се реализира во вистинска смисла. Во нашата земја, законски, од овој месец започнува процесот за селектирање и рециклирање на отпад, така што овој проект доаѓа во вистинско време. Ако овој проект се реализира според замислата, тогаш Куманово ќе биде еколошки град”, вели Бобан Бојковски, инспектор за животна средина.
Таневски, кој досега ја откупувал пластиката и ја продавал во странство, се заинтересирал зошто странците толку го сакаат нашето ѓубре. По доста истражувања и анализи, утврдил дека ние, практично, им продаваме гориво. Стапил во контакт со фирма во Бугарија која работи на сличен проект, и од таму ги купил лиценцата и технологијата. Досега за проектот потрошил околу 200 илјади евра, а за наредните инвестиции очекува помош од државата и од странските фондови.
“Нашето гориво е затрупано во кумановската депонија. Ние имаме расфрлана пластика насекаде и можеме да произведеме и гориво за извоз. Само во нашиот отпад имаме резерви од 300 до 500 тони пластика”, тврди Таневски.
Според неговите сознанија, вакви фабрики за преработка на пластика за да се добие нафта има само во пет градови во Европа. Тој ги посетил и видел дека може да се преработува и маслото од автомобилите и сe друго што ја загадува животната средина. Затоа апелира граѓаните да го селектираат сметот и да го продаваат, со што ќе го подобрат семејниот буџет, а ќе придонесат да живееме во чиста животна средина.
С. Николиќ
Преземено од: ВЕСТ
One Comment
Благородна
Ova opasno me zaintrigira a potoa vidov deka vesta e od 2011 godina a od naftata od plastika ni traga. E, dobro, ne sum tolku glupa kako sto si pomisliv vo prv moment.