Деновиве стигнуваат различни, дијаметрално спротивставени изјави поврзани со планираната либерализација на пазарот на електрична енергија.
Имено од една страна се вели дека планираната фаза на либерализација на пазарот на електричната енергија, каде што околу 146 компании треба самостојно да набавуваат електрична енергија, ќе се пролонгира, додека од друга страна постојат изјави дека веќе се е готово и дека наскоро планираните 146 компании се спремни самостојно да набавуваат електрична енергија на отворениот пазар.
Според 24вести, планираната либерализација ќе се пролонгира за некој друг период. Причината за новото одложување на либерализацијата е како што известува 24 вести, обидот да се избегне поскапување на струјата. Имено пресметките покажале дека отворањето на пазарот значи поскапа електрична енергија – до 30%.
Од друга страна, Кочо Анѓушев од МЕА, во својата изјава за ВЕЧЕР, вели дека компаниите се спремни за планираната либерализација на пазарот, додавајќи дека отворањето на пазарот ќе го намали трошокот за енергија кај компаниите во просек за 20% до 25%. Тој исто така додаде, дека цената на електричната енергија на Унгарската берза за наредната година е 41,5 евра за мегават/час.
Според него сите 146 компании се спремни и подготвени да од 1 јули почнат да купуваат електрична енергија на отворениот пазар. Во Македонија во моментот се регистрирани 50 компании за снабдување на електрична енергија, но реално 7-10 компании реално и работат.
Инаку, првичната неинформираноста и неспремноста на компаниите беше причина зошто првичниот рок за либерализација на пазарот на електрична енергија се помести за 1 јули 2013 година.
Според роковите пропишани од страна на Европската енергетска заедница, од 1 јануари 2015 домаќинствата треба да имаат можност на избор од кој „оператор“ ќе набавуваат електрична енергија. Целиот процес на отворањето на пазарот на електричната енергија е дел од европските правила за пазарот на енергетика.