Енергетските компании ги намалуваат трошоците при производство на енергија, но истовремено прават максимални напори да ја редуцираат емисијата на штетни гасови од термоелектроцентралите .Се заострува регулативата , производителите нудат се пософистицирана и поскапа опрема, а сите земји се обидуваат да ги исполнат се повисоките еколошки стандарди . ,,Електрани на Македонија”се во инвестициски циклус вреден скоро 90 милиони евра со кој се модернизираат котловските постројки во РЕК Битола .Едниот од трите блока е веќе завршен.
,,На први јули годинава започнува реализацијата на вториот блок, а во 2014 ќе заврши.Со тоа дефинитивно во РЕК Битола ќе се намалат штетните емисии на гасовите.Односно ќе ги запазиме и најстрогите европски регулативи , што е тема и на овогодишниот саем ,,Пауерџен јуроп 2013.”-изјави во Виена генералниот директор на,, ЕЛЕМ” Дејан Бошковски .
Зафатот го изведува германската компанија ,, Бабкок-Борсиг”, а во модернизацијата на термо блоковите се ангажирани и повеќе македонски фирми.
,,Ќе ја намалиме емисијата на штетни гасови .Термоцентралите ќе ги исполнат ЕУ директивите што ќе важат од 2016 година , односно ќе се намали емисијата на само 20 милиграми што е нормална вредност во ЕУ.Трето ќе ја зголемиме ефикасноста на котлите, што значи зголемена моќност при намалена потрошувачка на јаглен .” –објаснува потпредседателот на компанијата Јорг Зомер.
Сите земји ја промовираат зелената енергија која ја нудат одржливите извори , но главниот товар во снабдувањето на индустријата и натаму го носат термоцентралите кои користат јаглен .
Најголем дел од инвестициите и натаму се насочени во термоцентралите .Анализите на јапонската компанија Хитачи говорат дека во следните три години во Европа ќе се градат нови термоцентрали со моќност од околу 10 000 мегавати, а само во две земји инвестициите ќе надминат 3 милијарди евра .
Автор: Свето Николовски
Извор: МРТВ