Хрватските медиуми на нозе. Пазарот со струја е целосно отворен. Европските енергетски гиганти во силна конкурентска битка, веќе го освојуваат пазарот во Хрватска кој ќе понуди пониска цена за струја и за компаниите и за граѓаните.
Словенечката ГЕНИ и германската РВЕ понудија поевтина струја за домаќинствата и до 30%.
„Вие живеете со погрешен впечаток дека цената за струја ви е ниска. Е не е баш ниска. Да е премногу ниска, ние денеска не би биле тука. И не би имале простор да оствариме профит и да понудиме пониска цена. И ние тоа денеска го докажуваме дека може и со пониски цени да се оди и да се остварува профит“, изјави Роберт Голоб од ГЕНИ.
„Она што сигурно им го гарантираме на луѓето се проценти на заштеда во првата година, како и уште поголема заштеда во втората и третата година“, рече Зоран Милиша од РВЕ Хрватска.
Хрватското електростопанство ХЕП, во пресметки како да ги задржи потрошувачите. Во интервју за Државната хрватска телевизија, претседателот на ХЕП Шерич, изјави дека пониските понуди доаѓаат во време кога цената на струјата на светските берзи поевтинува.
„Можеме да очекуваме барем мало поевтинување на цена за струјата? Јас само ќе повторам дека ние работиме на пресметките но и на нови производи и услуги кои ќе ги понудиме на пазарот. Конкуренцијата е добредојдена“ изјави Томислав Шерич, претседател на УО ХЕП.
Македонија ја одложи по вторпат втората фаза од либерализацијата на пазарот на електрична енергија со образложение дека ќе поскапи. Регулаторот пак пролонгирањето на рокот го оправда со неподготвеност на ЕЛЕМ, ЕВН и МЕПСО.
Брисел овој потег ќе го нотира.
Извор: 24 Вести