Во последните десетина години т.н. зелени бизниси се во голем подем речиси насекаде во светот и се дел од една од најбрзо растечките индустрии во светот – зелена инсдустрија. Каде е Македонија во цела таа приказна? Имено, факт е дека сме далеку зад тие трендови. Но сепак има одредени поместувања и одреден број на стопанственици вложија во технологии кои би се квалификовале како „зелени”. Во продолжение областите во кои е инвестирано.
Сончева енергија. На ова поле бележиме најголем развој. Имено, имаме сопствено производство на сончеви колектори за топла вода кои не заостануваат во ништо од увозните. Македонските сончеви колектори се наградувани на многу саеми со плакети за квалитет. Нема да ги споменеме чисто поради некомерцијаланата природа на текстот и затоа што не е реклама на производи туку на индустријата. Исто така, од пред некое време имаме производство на првите македонски фотоволтаици. Тие се продаваат по мошне конкурентни цени споредено со она што е понудено од увоз без при тоа да се направи некој компромис во однос на ефикасноста на истите. Во контекст на ова вреди да се спомене дека веќе ги имаме првите централи за производство на електрична енергија од фотоволтаици во Македонија како и фактот дека сè повеќе комерцијални и резденцијални корисници имаат вградено соларни колектори за топла вода на своите покриви.
На полето на ветерна енергија не е направено многу во смисла на производство на македонски ветерници. Имено, имаше некои најави дека ќе се отвори некоја фабрика за производство на ветерници, но немаме информации до каде е цела таа работа и дали ќе се реализира. Инаку, веќе е познат факт дека Македонија е погодна за изградба на ветерници со неколку веќе потврдени микро-локации на кои веќе има планови за градба. ЕЛЕМ има планови за голем ветропарк близу Богданци. Дали еден ќе имаме македонски или друг вид на ветерници поставени на тие локации само времето ќе покаже. Инаку и во моментот има мерења за ветропотенцијалот на други микро – локации низ Македонија. За причините зошто не се реализираат овие инвестиции во некој друг пост.
Што се однесува до биогоривата, имаме фабрика за произвотство на биодизел која е во сопственост на една од поголемите рафинерии во Македонија како и една помала постројка која е приватна инвестиција. Сепак и тука сме далеку од она што е веќе направено во западните држави. Иако и ова е една од поголемите инвестиции во зелени технологии ако се земат предвид сумите кои се вложени.
Што се однесува на полето на рециклирањето единствено имаме откупни центри за пет-амбалажа и за метали. И тука завршува сè. Тие се единствените материјали кои се рециклираат, а за кои има соодветни центри. Се очекува да се подобри ситуацијата со електронскиот отпад со донесувањето на новиот закон за електронски отпад. Но, сето тоа е на подолг рок и ефектите од тој закон се очекува да се видат после неколку години со оглед дека законот за електронски отпад кој е веќе донесен е со одложена примена.
Биомасата е нешто што е мошне малку искористено во Македонија. Мал е процентот на она што се преработува за производство на брикети и пелети. Но, сепак се забележува напредок на ова поле и се очекува експанзија на истото во годините кои доаѓаат.
Генерално може да се заклучи дека само дел од потенцијалите се искористени и дека има големи можности и пред сè природни предуслови за развој на овие бизниси во Македонија. Но, сето тоа е вомозжно со политичка волја и активна партиципација на државните институции во развојот на овие бизниси. Со еден искрен пристап и залагање зелените економии би можеле да бидат еден од главните двигатели на економијата во Македонија.