Уште во 2006 година, Владата си постави рок до 2013 година, во кој што требаше да се изградат 400 мали хидроцентрали. Но за жал вистинската состојба на теренот не иди во прилог на зацртаните мерки – од планираните 400 хидроцентрали изградени се 10, но и тие 10 централи не произведуваат електрична енергија, поточно да бидеме прецизни, некој од изградените централи произведуваат енергија а некој не.
Во буквална смила на зборот, во вода паднаа планираните инвестиции. Последната од нив е инвестиција во две мали хидроцентрали кој што требаа да се градат на Отљанската и Обедничката река. Овие две мини хидроцентрали требаа да бидат изградени од страна на „ЕМК ДООЕЛ Мали хидроцентрали“, а самата инвестиција тежеше 1,2 милиони евра. Планираното производство на овие две централи требаше да биде 1,8 GWh на електрична енергија.
ЕМК ДООЕЛ Мали хидроелектрани“ од Скопје е компанија основана од страна на австриската компанија „Energy Eastern Europe“. Покрај Австрија и Македонија, оваа компанија работи на проекти за изградба на мали хидроцентрали во Црна Гора и Босна и Херцеговина. Во моментов е во тек изградба на четири централи кој што се лоцирани на следните реки: Големача, Љубанска, Мала Река и Брестјанска. Како инвеститор, оваа компанија се јавува на уште два хидро енергетски објекти кој што требаат да бидат изградени на Крива Река. Овие проекти треба да се реализираат во претстојниот период, а нивната планирана инсталирана моќност треба да изнесува 2,89 MW.
Од 2009 година до 2012, Министерството за економија потпиша вкупно 70 договори за концесија за производство на електрична енергија од мали хидроелектрични централи со 20 концесионери. Инсталираната моќност на овие хидроцентрали изнесува 60,3 мегавати, со очекувано годишно производство на електрична енергија од 237 GWh. Вредноста на овие инвестиции е проценета на околу 110 милиони евра.
Како што велат од Министерството за економија, а пренесува интернет порталот Фактор, заклучно со јануари 2013 година, во употреба се пуштени 7 мали хидроцентрали додека 20 мали хидроцентрали се во фаза на градба и требаат да бидат пуштени во употреба до средината на оваа година. Според „Студијата за хидроенергетскиот потенцијал на мали ХЦ“, изработена уште во далечната 1980 година, во Македонија треба да се изградат 400 мали хидроцентрали, со инсталирана моќност од 255 мегавати и очекувано годишно производство од околу 670 гигават часови.
Во Србија објавен повик за изградба на мали хидроцентрали
Од друга страна, некако како да се поклопија вестите, во Србија е објавен јавен повик за изградба на мали хидроцентрали. Јавниот повик опфаќа 317 локации на кој што е можно да се инвестира помеѓу 120 до 200 милиони евра. Според српската министерка за енергетика, Зорана Михајловиќ, изградбата на мали хидроцентрали ќе отвори дополнителни 1000 нови вработувања.
Јавниот повик за изградба на мали ХЦ ќе трае до 5 април. Од кога ќе истекне рокот, ресорното министерство заедно со заинтересираните инвеститори и со претставниците на локалната самоуправа, ќе потпишат траен меморандум за изградба на мали хидроцентрали. Планираните централи би требало да бидат изградени до 2015 а најкасно до 2016 година и да произведуваат околу 400 GWh на електрична енергија. Вкупниот капацитет на малите хидроцентрали изнесува околу 110 MW. Во некои општини, како што е општина Тутин, постојат дури 54 локации за изградба на мали ХЦ, а во Краљево на околу 23 локации.
Ова е само првi во низа на јавни повици за изградба на мали хидроцентрали. Во Србија е регистрирано 950 локации за изградба на хидро енергетски капацитети, а до сега е изградено само 19 хидроцентрали. Сите кој што се заинтересирани во инвестирање во мали хидроцентрали ќе имаат рок од шест месеци за да се изјаснат за инвестирањето. За централите кој што имаат моќност до еден мегават ќе се издаваат согласности, додека за објектите со моќност поголема од еден мегават ќе се одобруваат енергетски дозволи. Според проценките направени од страна на ресорното министерство, за да се изгради мала хидроцентрала со инсталирана моќност од еден мегават потребно е да се инвестира помеѓу еден и два милиони евра.
Министерката за енергетика, Зорана Михајловиќ, најави дека со објавувањето на јавниот повик, ќе се отвори и канцеларија за брзи одговори. Оваа канцеларија има за задача да ги обезбеди сите одговори, информации и дозволи за инвестирање во обновливи извори на енергија. Според министерката, основната цел на ресорното министерство е да ги намали потребните дозволи од досегашните 27 на 5.
Сите овие мерки, вклучувајќи го и „Националниот акционен план за обновливи извори на енергија“, требаат овозможат брзи и ефикасни инвестиции. До сега во Србија инвеститорите чекаа и до две години за да ги обезбедат сите дозволи кој што се потребни за инвестирање во обновливи извори на енергија. Од друга страна покрај планираните олеснувања, министерството најави дека одобрените лиценци ќе се одземаат на сите оние инвеститори кој што не ги исполнуваат преземените обврски, а истите ќе се доделат на оние инвеститори кој што се способни да ја реализираат инвестицијата.