Заради големото внимание кое им е посветено, посебно со владината кампања за надомест на трошоците за купување и вградување, сончевите колекторски системи за топла вода се првото нешто на што помислуваат луѓето кога ќе се спомене соларна енергија. Досега повеќето луѓе се запознати со тоа како се делат колекторите според изработка, начин на работа или пак квалитет и земја на потекло. Ако не сте еден од нив, можете да прочитате повеќе за тоа овде и овде.
Но што е всушност соларна енергија? Какви други типови на технологии постојат и како да знаете која технологија е вистинскиот избор за вас?
Соларна (сончева) енергија едноставно е енергијата која доаѓа од сонцето (нели J ). Денес веќе се развиени многу начини на искористување на оваа неисцрпна енергија, при што таа енергија се претвора некој друг вид на енергија кој ние одамна знаеме како да го употребиме – електрична или топлинска (или двете). Овие технологии за искористување на сончевата енергија можат по обем да се движат од обични системи за топла вода за еден дом, до обезбедување на електрична енергија за стотици илјади домови. Освен веќе познатите соларни колектори за топла вода, еве уште неколку други видови на соларни технологии.
Хибридна соларна енергија
Во основа, „хибридна енергија“ значи комбинација на некој вид на обновлива енергија како сончева, ветерна или геотермална и традиционални извори на енергија. Има голем број на примери за овој метод на добивање на енергија, посебно за off-grid домашни системи. На пример, може лесно да се искомбинираат фотонапонски панели со дизел агрегат за снабдување со енергија на една куќа, викендица или пак фарма. Доколку можете сами да си го произведете горивото за агрегатот со суровини кои ги имате на фармата, на пример биодизел или биогас, вашата заштеда на енергија ќе биде уште поголема. Се разбира, хибриден систем може да претставува и комбинација од две или повеќе технологии за обновлива енергија. Една таква добра комбинација, често употребувана е хибриден систем на фотоволтаици, мини ветерница и/или колектор за топла вода.
Фотонапонски ќелии (фотоволтаици)
Едно време беше многу скапо дури и да се помисли да се инсталира систем од фотонапонски ќелии, но денес приказната е малку поинаква, благодарение пред сè на Кинезите (а кој друг…). Имено, дури и САД, кои до пред извесно време го држеа приматот на производство на фотоволтаици, сега се преплавени од евтини и релативно квалитетни соларни панели од кинеско производство. Заради евтината работна рака, соларните панели денес се подостапни за обичниот човек од кога било досега. Од друга страна, научниците од запад развиваат се подобри и поефикасни ќелии од органски материјали, од нови егзотични легури, со квантни точки, нано-жици, како и тенкослојни, речиси проѕирни соларни ќелии кои можат да се монтираат на фасадата на објектот и да произведуваат електрична енергија. Со добро осмислен и изработен систем, една куќа може да биде потполно независна од електричната мрежа.
Концентрирана соларна енергија
Кажано со едноставни зборови, концентрирана соларна енергија е технологија со која енергијата од сонцето се концентрира во една точка (алелуја J ) и потоа таа се искористува за производство на електрична енергија (види насловна слика). Меѓутоа, нешто ме тера да се сомневам дека некој од нас може да си дозволи да изгради една централа на концентрирана соларна енергија. Па зошто ја вметнувам во овој текст тогаш? Затоа што постои една рудиментирана (ептен рудиментирана) верзија на оваа технологија која може да нѝ се најде многу во секојдневниот живот. Еден добар пример за тоа е соларниот шпорет, за кој претходно пишувавме, како и некои слични начини на готвење со помош на концентрирана сончева енергија. Друга примена може да се најде за загревање на домот (или барем дел од него). Имено, доколку сакате да загреете некоја соба која е ориентирана кон север, едноставно во дворот поставете едно огледало или некој рефлектирачки објект (може и рачно изработен) и насочете го кон собата која сакате да ја загревате и осветлите.