НИС (Нафтената индустрија на Србија) планира да вложи 1.5 милијарди долари во наредните три години. Најголеми инвестиции ќе бидат во проекти за истражување и производство на сирова нафта, модернизација на постоечките капацитети за преработка на нафтата, како и развој на дистрибутивната мрежа.
Освен на проектите кои што ќе бидат реализирани во Србија, НИС ќе инвестира и во соседните земји како што се Романија, Бугарија и Босна и Херцеговина. Модернизацијата на рафинеријата на нафта во Панчево ќе биде завршена според планираните рокови, поточно до крајот на 2012 година. Инаку во оваа рафинерија Гаспромњефт досега има вложено повеќе од 300 милиони евра од предвидените 547 милиони евра.
Исто така, НИС до 2020 година планира да вложи околу 150 милиони евра во областа на геолошки истражувања. Покрај развојот на производството на нафта и гас, НИС ќе се фокусира и на производство на електрична енергија. Во склад со оваа стратегија, во рамките на НИС е формиран посебен организациски дел кој што ќе се занимава со енергетика, а сè со цел да се зголеми искористувањеto на обновливите извори на енергија. Еден од приоритетите е и гасна когенерација – производство на електрична и топлинска енергија.
Но, покрај инвестирање во енергетика и во производство на нафта и нафтени деривати, НИС ќе инвестира и во екологија. Само во 2011 година НИС има вложено околу 11 милијарди динари (1 евро = 103 динари). Исто така, НИС во континуитет ја зголемува безбедноста во производниот процес. Само во оваa година има 22% помал број на повреди на работното место за разлика од минатата.