Користејќи слоеви од метал и диелектрик (изолационен материал), истражувачите од MIT успеале да создадат материјал кој има способност да апсорбира повеќе бранови должини на светлина, со што се подобруваат карактеристиките на фотонапонските ќелии.
Фотоволтаиците работата на принципот на апсорпција на бранови должини на светлина, односно фотони, кои предизвикуваат ослободување на електрони во материјалот, кои ја сочинуваат струјата. Денешните фотонапонски ќелии имаат недостаток да се ограничени во апсорпцијата само на мал дел од спектарот на сончевата светлина. Но, новиот материјал на MIT би требало да искористува голем дел од спектарот на светлина, со ефикасност на апсорпција повисока од 95%.
При реализацијата на оваа идеја, научниците од MIT користеле т.н. метаматеријал, создаден така да има својства кои не се наоѓаат во природата. Овие нови својства се повеќе резултат на слоевитата структура отколку на составот на материјалот. Тајната на материјалот била во неговиот дизајн кој се состои од серии од микро-сртови, налик на запци од пила. Ширините на овие сртови се прецизно нагодени за да успорат и апсорбираат светлина со широк опсег на бранова должина и агол на упаѓање.
Делот од спектарот на светлина со кратки барнови должини се апсорбира во горниот дел од „запците“, додека делот од спектарот со подолги бранови должини се прибира во подолните делови.
Овој нов метаматеријал може да се направи да биде многу тенок, што значително ќе ја намали тежината и цената на чинење. Исто така, може лесно да се произведува со стандардна опрема за производство на фотонапонски ќелии. Освен за производство на соларни панели, истражувачите од MIT веруваат дека овој материјал може да се користи и кај инфрацрвени уреди или за производство на електрична енергија од топлина.