Јас сум еден од ретките енергетичари што со децении се занимава со НОИЕ, но тоа не смее да ме заблуди, ограничи и спречи работите да ги гледам автентично и слободно да ги искажувам, реално, онакви какви што се. Ерата на НОИЕ доаѓа, поради нивната неисцрпност и пријателство со околината
Новите обновливи извори на енергија (НОИЕ) се сите обновливи енергии без хидропотенцијалот и огревното дрво. Тоа се најстарите енергии, потиснати од нафтата, а интересот за нив воскреснува по кризата од 1973 година. Цикличното појавување, неисцрпноста или трајноста на долг рок ја атрибутира нивната обновливост. Ако науката не пронајде некои нови енергии (сѐ уште Тесла не е проучен), енергетската иднина најверојатно е во НОИЕ. Но засега сѐ уште постојат контроверзии.
Сета енергија на планетата е од сонцето, кое испорачува илјадници пати повеќе енергија од потребите. НОИЕ се: сончевата, биомасата, геотермалната, ветерната, морските бранови и струи, плима и осека и др. Добри карактеристики на НОИЕ се: трајни се на долг рок; порамномерно се распоредени по земјата; пријателски се расположени спрема околината; супституираат и поблагородни видови енергии и друго. Посериозни недостатоци на НОИЕ се: потреба од нови знаења и нови скапи технологии. Нивниот непазарен облик во примарна форма, ограничениот исплатлив радиус на дистрибуција и дисперзијата со многу мала специфична енергетска густина се проблеми за неможноста или скапотијата за нивно користење. Друг многу сериозен проблем е кога ви треба „нивната услуга“, често ги нема и морате да резервирате конвенционална електрана „на закачалка“. Значи, НОИЕ не можат целосно да супстуираат моќност, туку само енергија, со непредвидлива динамика.
Најголемиот проблем воопшто со енергијата е неможноста за нејзина акумулација. Инаку, зиме треба да се грееме, а лете да се ладиме. Само малку да трампиме помеѓу зимата и летото, над 50 отсто од светскиот енергетски глад е решен. Како да се улови и употреби таа „бесплатна“ енергија? Науката направи агресивен развој на технологии, кои сѐ уште се и неефикасни и прескапи, па во моментов не се конкурентни, оти често на многу места не можат да ја повратат ни енергијата вложена за нивно производство. Лелекот, офкањето, а веќе и стенкањето на планетата, ги алармира светските камбани и наметна субвенции за десетици пати поскапо плаќање на обновливата струја, по „фид ин-тарифи“ за да се охрабри нивно користење.
Неупотребливоста на дисперзираната соларна и ветерна енергија со мала густина најпросто би ја објаснил вака: ланската зима снежни навеви го отсекоа пристапот до многу населби. Изолираните граѓани се соочија и со недостиг на брашно. Центарот за кризи мораше да организира хеликоптерски дотур. И сега замислете си екипажот од хеликоптерот, ако не можел да се приземји да ги истовари вреќите со брашно, хипотетички, треба да ги одврзе вреќите и да го истури брашното од висина. Тони и тони брашно вие сте „добиле“, но развеано низ околината, а не ќе можете да си месите леб и ќе гладувате. Зошто? Затоа што тие тони од брашно се расеани во неупотреблива концентрација. Истото е и со нектарот во цветовите, за човекот невидлив и неупотреблив, но пчелите го собираат и го преработуваат во употреблив мед. Е, кај соларната и ветерна распрсната енергија, панелите и елисите се „милионските пчели“, кои треба да ги вградите, да ја соберат и „зипуваат“ неупотребливата енергија до употреблива-ексергија. Ама сето тоа треба да се плати, и тоа многу дебело, а работата пак ќе биде само делумно завршена.
Поради ова погоре и немањето доволно ветер во Македонија пропадна идејата на колегите, кои од Куманово до Гевгелија ќе расадуваа ветерници со моќност колку две позамашни нуклеарки и Македонија ќе била најголем извозник на струја. Кога ќе месиме леб од расеаното брашно, тогаш Македонија ќе извезе струја од нашиот мрзлив ветер.
Слично е и во геотермијата. Се избербати науката, се изневери енергетиката, се измисли топла вода и на македонскиот развој му се набија дебели утки од „дублети, хибриди и геотермални електрани“ на геотермална вода со 70 степени, која содржи нискоенталписка баласт енергија, без способност за работа. Исто како да градиш хидроцентрали на морските површини, оти некој ти шепнал дека работат на вода. Со тоа ја подјадуваме иднината на потомството и, наместо да му овозможиме да си купи ново палто, му ги собуваме и панталоните.
Само два отсто од 9,4 милиони квадратни километри на Сахара да се покријат со фотоволтаици ќе се обезбеди струја за целата планета. Но за градба на тоа целиот планетарен бруто-производ треба со години да се вложува и тоа нѐ доведува до финансиска фантастика.
Под закрила на глобалното климатско душегрижништво, преку повластените грин-тарифи, богатите ги делоцираа скапите технологии за НОИЕ кај сиромасите и се вратија да си војуваат за нафта и гас. Сега сосема се извесни неколку светски сценарија, дека НОИЕ пред 2060 година не можат ни да се впишат како позначајни ублажувачи на енергетскиот кусок.
За нобеловска номинација е, ако успее, преагресивната канцеларка Меркел, која ја втурна најздравата светска економија во декомисија на нуклеарките и замена со ветерници, фотоволтаици и гасни електрани. Гасот од „Северен поток“ е добра хипотека, но уште е прерано. Башка Германија има и ветер и никој не може ни да помисли да ја копира.
Да се доразбереме!
Јас сум еден од ретките енергетичари што со децении се занимава со НОИЕ, но тоа не смее да ме заблуди, ограничи и спречи работите да ги гледам автентично и слободно да ги искажувам, реално, онакви какви што се. Ерата на НОИЕ доаѓа, поради нивната неисцрпност и пријателство со околината. И, без пардон, сета енергетска иднина е во сонцето, но во услови на неизвесност, техничко-технолошка ограниченост, при рецесии и при загрозен залак, работите сами си се подредуваат по нужен локациски и временски приоритет.
Авторот е енергетичар-екологист
Автор: Љупчо Гаштеовски
Извор: Нова Македонија
One Comment
goran
konecno da slusnam eden da mu objasni na nasite strucnjaci deka pod obnovlivi izvori se podrazbirat nekonvencionalni izvori ane slusam veli ke gradime hidrocentrala od 353 mw i ta ke bidela obnovliv izvor na energija ili deka vo mk sme imale ucestvo na 30% za proizvedena struja od obnovlivi izvori paradoks a samata eu ne mozi da postigni poveke od 15% vkupno ucestvo na energija od OIE dobro e barem nekoj gi razbira rabotite poz od bitola