Гугл не е само најдобриот интернет пребарувач и најкористениот е-маил сервис. Во последно време од интернет гигантот вложуваат и во други бизниси и нови технологии. Голем дел од тие вложувања имаат за цел намалување на емисијата на јаглерод диоксид од капацитетите на Гугл, или она што популарно се нарекува carbon offset, односно вложување во производство на „зелена“ енергија и обновливи извори со цел неутрализирање на сопствената емисија на CO2.
За таа цел, Гугл му додели на Универзитетот Дјук финансиска поддршка од 1.2 милиони долари за истражувања во полето на обновливи извори на енергија, конкретно за проект кој има за цел добивање на електрична енергија од измет од свињи.
Пилот-проектот предвидува складирање на стакленички гасови од изметот од свињи кои потоа би се употребиле за придвижување на турбина. Системот произведува доволно енергија за напојување на 35 домови во текот на цела година. Се очекува со системот да се спречи испуштањето на стакленички гасови еквивалентно на 5000 тони CO2 годишно, што е како да тргнете 900 автомобили од патиштата.
Прототип-системот е изграден на фарма со 9000 свињи и треба да послужи како пример за други фарми за тоа како да се управува со изметот, намалување на емисијата на стакленички гасови и добивање електрична енергија за потребите на фармата, на самото место. Системот се состои од анаеробен дигестор и резервоар и се разбира, турбина. Метанот од изметот се собира во купола која се наоѓа над дигесторот. Вишокот гас кој нема да се искористи за производство на енергија едноставно се гори, со цел да не се испушта во атмосферата.
Концептот е замислен како “open source”, односно секој може да го користи, надградува и усовршува.
2 Comments
Slobodan
Здраво, пак јас 🙂 Ме интересира дали имате некој текст или шема или YT видео за ваква постројка за биогас, поконкретно за шталско ѓубре од крави? Колку мин. грла се потребни, колкав резервоар, колку би било очекувано производство и сл. информации. Однапред ви благодарам 🙂
Златко Чавдаровски
Проектот е се уште во развој, така што нема некои поконкретни информации за бројот на грла 🙂 инаку количината на произведен биогас зависи од многу фактори – каков дигестор се користи, видот на микроорганизмите што го помагаат разградувањето на изметот и каков измет се користи, односно дали е од говеда, свињи, живина или растителен. од еден тон отпад можат да излезат од 20 до 800 метри кубни биогас, пак зависно од видот на отпадот