Македонските енергетичари се разочарани од енергетското минато, загрижени се за сегашноста и исплашени за енергетската колапс –иднина.
Здружението на енергетичарите на Македонија годинава слави јубилеј, 20 години од основањето, и како асоцијација на најголем дел од македонската енергетска интелигенција загрижено вреска и писка за темната енергетска утрешност што ѝ претстои на Македонија.
На состанокот на ЗЕМАК, што се одржа пред еден месец, главни точки беа насочување и избор на актуелни тематски области за Меѓународниот конгрес за енергетика, што ќе се одржи во Македонија во октомври. За да се дојде до вистински избор на темите, инспирации се црпеа од енергетската, нерозова моментална состојба во државата и во регионот. Еве дел од арсеналот што се испука, а богами остана и поголема резерва како неупотребена.
„Македонската енергетска состојба, и покрај бројната седма сила е недоволно и нереално претставена во јавноста; македонските политиканти ѝ наметнаа впечаток на јавноста дека миливатот е позначаен од мегаватот; се замајуваме со соларна и ветерна енергија, а само енергијата потрошена за нивно производство не можат да ја вратат во нивниот експлоатациски век; оваа година воопшто не е енергетски наклонета и е една од најсушните и со најстудена зима во последните децении; некои граѓани се исклучуваат од парното за да се греат на струја, за која Македонија во моментот дава и суво злато да ја увезе; македонските електрани ја продаваат струјата на дистрибутерите по 34, а увезената е 80-140 евра за мегават-час; увозот годишно нѐ чини 200-300 милиони евра, колку за изградба на две нови ТЕ-ТО; се предвидува реконструкција на котлите во РЕК, а резервите на јаглен се многу лабави; хидропотенцијалот на Црна се прикажува несоодветно; имаме и социјални случаи на кои не им се цепи дрва, оти полесно им е да се греат на копче, со струја; експлоатабилноста на подинските затрупани јагленови резерви во „Суводол“ е под прашалник; отворањето на јамски рудник за лигнит во Мариово при високи подземни води е дискутабилно; за Битола се носи јаглен со камиони од Берово; пуштањето во погон на ТЕ-ТО е златното бинго за државата во моментов, но тие ја продаваа струјата за 51 евро за мегават-час, а државата ја увезува за 100 евра; да се размислува за градба на ТЕ-ТО 2 доколку се најдат локација и инвеститор…“
Претходните енергетски хорор-бисери заслужуваат подеднакво внимание, ама барем некои да ги протолкуваме: миливатот позначаен од мегаватот -почитуваниот професор многу асоцијативно, револтирано, но симпатично кажа дека некои политичари и енергетичари на јавноста ѝ подметнуваат магловит доказ дека милијардата е помала од единицата. Односно, преку хоби-енергетиката се заакавме по некакви грантчиња за некакви фотоволтаици, ветерни вртелешки, геотермални електрани, кои ќе ни ги собујат и палтата и панталоните, а базната енергетика ја сметуваме под чергата. Ама тој лунапарк забрзано се помрачува и на повидок е крај на забавата. И светилките ќе нема од што да ни светат, а како утеха би било отворање порта на еден друг бизнис, без иронија, производство на свеќи и газиени ламби.
Во ЗЕМАК на сите досегашни симпозиуми, тркалезни маси, конгреси, макар со кнедла, но громогласно се поставуваа прашањата: Што по изгорениот јаглен во „Суводол“ и „Осломеј“? Каде енергетската потрошувачка иреверзибилно понира? Како при стопанство, кое е над 80 отсто под катанец, имаме зголемена потрошувачка? Зошто сме на челно место во светот по потрошувачка на енергија по единица производ, а со тоа и по мизерија?
Подготвувавме повеќе студии и стратегии, а ниту еден акциски план. Стратегијата има употребна вредност да ги нагоди нишанските справи, а плотуните ги испалува акцискиот план. Три децении во Македонија немаме чуено плотуни. Да ми простат ТЕ-ТО и „Козјак“. Во енергетиката ништо не се прави денес за утре. Енергетска временска единица е декада, а парична валута е гигаевро (милијарда евра). Ние веќе доцниме неколку временски единици, а паричната единица ја разграбавме и нема со што да купиме муниција за плотуните.
Џадето, по сѐ изгледа води накај сибирските гасоводи. Регионот плаче за супституција на еден-два „Козлодуја“, а разгрнување на косовските лигнити е императив.
Авторот е енергетичар-екологист
Автор: Љупчо Гаштеовски
Извор:Нова Македонија