Над 300 компании од земјата и странство ќе се претстават на годинашниот, деветти по ред, Меѓународен саем на градежништво, градежни материјали и градежна механизација што почнува денес на Скопскиот саем и ќе трае до 10. овој месец. Во рамките на оваа саемска манифестација е и второто издание на Саемот на недвижности RealEX.
Учесниците на двете саемски манифестации ќе изложуваат во дворот и во три саемски хали на површина од 9.000 квадратни метри. Традиционално, во дворот на Саемот ќе се претстават производителите на градежна механизација, скелиња и слично, во првата хала ќе бидат градежни инвеститори и агенциите за недвижнини, во втората ќе бидат изложени градежни материјали и во третата санитарии.
На саемот RealEX, кој е единствен од тој тип во регионот, се гледа како на платформа за обединување на сите регионални пазари во таа индустрија. Освен неколку македонски, на RealEx ќе учествуваат и неколку бугарски, грчки и албански агенции за недвижнини. Двете саемски манифестации ќе бидат проследени и со стручни конференции, трибини и тркалезни маси. За првиот саемски ден е најавена конференција за развој и инвестиции во недвижнини, а за вториот за архитектура и урбано планирање. Ден пред затворањето на саемот ќе се одржи работилница и тркалезна маса на тема Европска иницијатива за одржлив развојј. Под мотото: Градиме иднинаа во тек на Саемот на градежништво во предворјето на Скопскиот саем ќе се гради куќа од еколошки материјали.
Саемот ќе биде отворен секој ден од 10 до 19 часот, а влезницата чини 90 денари.
Извор:ВЕЧЕР