Системите за складирање на енергија се една од клучните алки во модерните електроенергетски системи. Со нивна помош, непостојаното снабдување на енергија од соларните централи и ветерните турбини може да се складира за подоцнежна употреба.
На Технолошкиот институт во Карлсруе (KIT) во тек е инсталација на неколку пилот-централи од фотоволтаици, мини ветерни паркови, како и литиум-јонски батерии, кои имаат за цел да демонстрираат како може да се избалансираат пиковите во мрежата и како во иднина би изгледал регенеративен извор на енергија.
Литиум-јонските батерии веќе се успешно имплементирани во голем број електроенергетски системи и во нив може да се чува енергијата од соларните централи или ветерните турбини пред да има потреба да биде испорачана до корисниците. Според истражувачите од KIT, со батериите може да се избалансираат и пиковите при производство или потрошувачка, со што тие се погодни и од економска гледна точка.
За таа цел, на кампусот на KIT ќе биде инсталиран комбиниран систем со вкупна инсталирана моќност од 50 kW. Нов вид на ветрогенератори кои се наменети пред сè за региони со слаби ветрови треба да го надополнат производството од фотонапонските панели, особено во зимските месеци. Во првата фаза од проектот, производството на енергија би требало да биде доволно за покривање на годишните потреби за енергија на помала фабрика. Долгорочно, информациите собрани од ова истражување ќе се искористат за развивање, како на мали домашни системи за складирање на енергија, така и на големи индустриски системи.
Освен батериите, една од клучните компоненти кај системите за складирање на енергија се и електронските уреди за регулирање на полнењето и празнењето, кое трае само два часа. Тоа овозможува овие системи да се користат како привремен извор/склад на енергија за балансирање на пиковите. За време на слаба побарувачка, енергијата од соларните и ветерните системи се складира во батериите, а кога потрошувачката ќе порасне, почнува да се троши складираната енергија од батериите. Од економска гледна точка, празнењето на батериите ноќе е доста исплатливо, особено затоа што може да има зголемена потрошувачка во тој период.
-Контрола на интеракцијата на соларните ќелии, ветерните турбини, системот за складирање и дистрибутивната мрежа е главниот предизвик за нас. Ваков систем може да се контролира 24/7, 365 дена во годината, и она знаење што ќе го собереме тука, ќе го примениме во иднина при дизајнирањето на системи во индустријата – вели Andreas Gutsch, координатор на проектот. Прецизноста на операциите за контрола е неопходна за создавање стабилен електроенергетски систем, како и исправно и долготрајно функционирање на литиум-јонските батерии, а со тоа се овозможува долготрајна енергетска и економска ефикасност на целиот систем.
И покрај високата цена на овие батерии, ваквиот начин на работа може да биде исплатлив и во денешно време, посебно во земји каде дистрибутивната мрежа е прилично нестабилна.