Во Република Македонија се произведува овошје со извонреден квалитет (арома, вкус, боја) благодарејќи на аридната клима, ведрото небо и интензивната инсолација (зрачење на сончева енергија). Ние имаме многу поволни услови за соларно сушење на овошје, кое е многу поевтино од сушењето со гориво, а хранливата вредност и квалитетот на производот се многу подобри. Употребата и пласманот на сувото овошје на европскиот и другите пазари оди по нагорна линија. Приходот од сушеното овошје е 3-4 пати поголем во однос на приходите кои се добиваат од продажба на свежо овошје. Плодовите од овошје и зеленчук се подложени на брзо пропаѓање. Со цел да се зачуваат нивните природни состојки во прилично неизменета состојба за подолг временски период, најдобро е да се врши нивна преработка по пат на сушење. Со преработката и сушењето на овошјето и зеленчукот се добиваат производи со висока содржина на хранливи и биоактивни материи (витамини, каротиноиди и друго). Во поново време, сушените производи се многу интересни на европските и другите пазари и нивната потрошувачка е се поголема. Сушењето најчесто се врши во сушилници со дополнителна енергија: гас, струја или друго. За еден тон сушени производи се трошат околу 600-700 литри нафта. Притоа, производите сушени на овој начин значително губат од природните карактеристики и квалитет. Во Македонија веќе се проучува искористувањето на сончевата енергија за сушење овошје, зеленчук, лековити и ароматични билки во соларни сушари.
Презентација и опис на соларна сушилница наменета за индивидуални корисници
Технички опис на сушилницата која се состои од четири посебни целини:
- Соларен колектор за загревање на воздухот за сушење
Колекторот е лимен, обоен со матирано црна боја, со изолација од долната страна и стаклени површини од горната страна. Со површина од 1,4 м2 може да прифати 1000 вати соларна енергија во поволни сончеви периоди. Преку посредник (воздухот), енергијата ја предава на акумулаторот.
- Простор за сушење на овошје
Страната која е свртена кон југ е целосно застаклена и може да прифати околу 2500 вати директна соларна енергија, која се искористува за загревање на просторот и суровината, како и за испарување на водата од суровината.
- Акумулатор за акумулирање на топлинската енергија
Сушилницата, стандардно, се испорачува со воден акумулатор кој содржи 600 литри вода, што обезбедува енергија за работа во ноќните часови или во деновите кога емисијата на сончева енергија е недоволна. Загреаната вода од топлотниот резервоар може да се користи и за миење на садовите, мрежите и други активности за кои е потребна топла вода.
- Вага за контрола на процентот на испарена влага
Во тасот од вагата се става одредена количина свежа суровина, а од другата страна, тегот се поставува на оној процент на влага колку што сакаме да испари од самата суровина. Во тој случај, тасот ќе падне долу и во моментот кога ќе испари саканиот процент влага, тој ќе се подигне и сувиот материјал може да се извади.
КАПАЦИТЕТ И НАМЕНА
Еден модул кај соларната сушилница за индивидуални корисници има 6 м2 површина за редење на овошјето, што приближно одговара за сместување на 50-70 килограми овошје и зеленчук. Модулите се надградуваат еден до друг, по желба на купувачот. Во поволни сончеви периоди еден елемент од сушилницата може да прифати 3500 вати соларна енергија. Исто така, служи за сушење на овошје, зеленчук и лековити билки (сливи, кајсии, јаболка, круши, ореви, бадеми, домати, пиперки, кромид, лук, печурки, лековити билки итн.).
Начин на работа и монтажа
Максимално ја искористува соларната енергија, при што се користи глобалното и дифузното сончево зрачење во текот на денот. Сончевата енергија се користи директ- но за загревање на плодовите, како и за загревање на водениот акумулатор, кој во текот на ноќните часови ја враќа енергијата и го продолжува процесот на сушење, овозможувајќи циркулација на воздухот. Кај сушилницата од типот „Солар-бЕ”, изум и патент на Јосиф Јордановски, е вграден и електричен грејач којшто врши догревање на воздухот доколку соларната енергија не е доволна. Монтажата се врши на местото на употреба, според техничкото упатство од производителот.
Заштита
Просторот во кој се поставува овошјето и зеленчукот е целосно заштитен од инсекти, прашина и други нечистотии, со што се обезбедува добивање чист и микробиолошки незагаден сув производ. Сушењето се контролира преку термометар за контрола на температурата, а се управува преку регулациски отвори за регулирање на температурата.
Димензии:
– Стандарден модул од 6 м2 површина за сушење
– Надворешни димензии: 2,9 х 2,05 х 1,26 метри
Презентација и опис на комбинирана соларна сушилница
Технички опис на сушилницата која се состои од четири посебни целини
- Соларен колектор за загревање на воздухот за сушење Тој е лимен, обоен матирано црно, со изолација од долната страна и со стаклени површини од горната страна. Доколку неговата површина е 56 м2, тогаш може да прифати 36 киловати соларна енергија во добри сончеви периоди. Преку посредник (воздухот), енергијата ја предава на акумулаторот.
- Простор за сушење на овошјето Сушилницата е проточна, што значи дека има можност суровината, товарена на вагончиња, да влегува од една, а да излегува сува од другата страна. Просторот за сушење зафаќа околу 20 м3 во северниот дел на сушилницата.
- Акумулатор за акумулирање на топлинската енергија Сушилницата, стандардно, се испорачува без камен за акумулација и тој се додава дополнително, пред да почне нејзиното функционирање. Големината на поединечните камења треба да изнесува од 70-110 милиметри. Камењата може да бидат со различен облик, но секогаш треба да се внимава меѓу нив да останува простор за циркулација на воздухот.
- Комора за мешање на воздухот
Во оваа комора доаѓа влажниот воздух од просторот за сушење каде што се мери неговата релативна влага и температура. По ова, компјутерот одлучува дали воздухот ќе се употребува уште или ќе биде заменет со свеж воздух.
НАЧИН НА РАБОТА И МОНТАЖА
Таа максимално ја искористува соларната енергија, при што се користи глобалното (директното) и дифузното (посредното) сончево зрачење во текот на денот. Сончевата енергија се користи директно за загревање на воздухот кој циркулира низ плодовите, како и за загревање на камениот акумулатор. Овој акумулатор во текот на ноќните часови ја враќа енергијата и го продолжува процесот на сушење, овозможувајќи циркулација на воздухот. Доколку сончевата енергија во подолг период е недоволна, тогаш се вклучува генератор на топол воздух, кој го забрзува процесот на сушење. Монтажата се врши на местото на употреба, според техничкото упатство од производителот.
Капацитет
Еден сегмент има 224 м2површина за поставување на овошјето и зеленчукот, што приближно одговара за сместување на 2500 килограми суровина. Сегментите се надградуваат еден до друг, по желба на купувачот. Во добри сончеви периоди, колекторот на еден модул може да прифати 36.000 вати соларна енергија. Оваа сушилница е намената за сушење овошје, зеленчук и лековити билки (сливи, кајсии, јаболка, круши, домати, пиперки, кромид, лук, печурки, лековити билки и други земјоделски култури).
Заштита
Просторот во кој се поставува суровината за сушење целосно е заштитен од инсекти и нечистотии, со што се обезбедува чист и микробиолошки незагаден сув производ.
Контрола на сушењето
Процесот на сушење го контролира и управува индустрискиот контролор, кој според зададената програма го управува процесот, а воедно состојбата што владее во сушилницата може да ја презентира компјутерски.
Извор: Моја земја
Извор на сликата: Њушкало
4 Comments
dimco
mi se dopaga soncevata sushara,dali moze da se kupi?
so pocit Dimco Andonov
Aleksandar
Zdravo
Kade moze podrobni informacii da se dobijat
Pozdrav
Slavco
Sakam da prasam dali ovaa susaramoze da se koristi za susenje na badem vo koska i ako moze koja e cenata i kade moze da se nabavi
So pocit
Slavco Markoski
ice
Kade da se nabavi