56 земји, меѓу кои и Македонија, се наоѓаат во опасност од политичка дестабилизација доколку продолжи денешниот тренд на глобално затоплување. Околу 2,7 милијарди луѓе од 46 земји, пак, ризикуваат да загинат во вооружени конфликти. Како што пишуваат британските научници од организацијата International Alert во извештајот „Клима на конфликти“, кој треба да излезе следната седмица, на повеќе од 100 земји им се заканува политчки хаос и масовна миграција како резултат на катастрофалното глобално затоплување.
Британските научници дошле до заклучок дека климатските промени предзвикуваат ерозија на земјиштето, подигнување на нивото на светските океани, топење на мразот на поларните капи и засилување на бурите, што ќе доведе до разгорување на воени дејствија и социјални потреси по поголемиот дел од Африка, Азија и Јужна Америка. Дури и Европа се наоѓа во ризичната зона.
Од балканските земји, Македонија, Албанија, Црна Гора и Србија се во групата на земји со висок ризик од политичка нестабилност заради ефектите на глобалното затоплување и групата на екстремно изложени на климатските промени, заедно со државите како Украина, Белорусија и Русија. Босна и Херцеговина, пак, е единствената европска земја ставена во црвената зона на држави кои се соочуваат со висок ризик на вооружени конфликти како последица од глобалното затоплување.
Како што се вели во најавата на извештајот, на Холандија и се заканува потопување заради зголемувањето на нивото на океаните. „Климатските промени создаваат предуслови за крвави конфликти кои ќе ја загрозат благосостојбата на општеството и способноста да се спротистави на последиците од глобалното затоплување“, вели генералниот секретар на организацијата Ден Смит.
Во други земји, како Перу, која се снабдува со вода во суштина од топење на мразот, десетици милиони ќе останат без вода за пиење бидејќи до 2015 – та практично ќе се уништат сите ледници, а сушите ќе предизвикаат масовен глад. Русија, една од земјите ставени во портокаловата зона на опасност од политичка дестабилизиција, се противи на ставовите на британските експерти. Руските стручњаци се согласни дека климатските промени неоспорно влијаат на природните ресурси, но сметаат дека тоа нема да предизвика воени немири, туку само масовни миграции, кои ќе се случат за неколку децении од сега.