Маслодајната репка повторно фати корен на најплодната житница во земјава – Пелагонија каде што со години не се садеше ни за лек. Таканареченото жолто злато се врати на нивите откако оваа индустриска култура почна да се користи како суровина за производство на биодизел-гориво во нафтената индустрија. Прв производството го обнови Земјоделскиот комбинат „Пелагонија“, а во индивидуалниот сектор одвај и да има по некој засеан хектар. Kомбинатот ја одгледува репката на 2,5 илјади хектари, а годишниот род од 4.000 тони го продава на странските пазари, претежно во Грција.
– И годинава очекуваме род од неколку илјади тони маслодајна репка, за откуп има интерес од Грција и од „Макпетрол“ на домашниот пазар. Но засега подобра цена наоѓаме на грчкиот пазар. Цената бележи нагорен тренд од година на година. Во 2010 цената на берзата беше 250 евра за тон, а 2011 година 360 евра за тон. Ова е исплатлива цена и дава можност да се одгледува културата – изјави Драги Петровски, извршен директор во ЗK „Пелагонија“.
Интересот на грчкиот пазар за македонската маслодајна репка расте, а политиката досега не ги нарушила бизнис-релациите меѓу произведувачите и купувачите. Од комбинатот велат дека за грчките купувачи е пресуден квалитетот на суровината што ја добиваат. Иако има побарувачка, главната причина поради која засега не се размислува за зголемување на засеаните површини со репка е глобалното затоплување, кое лошо се одразува врз нејзиниот развој. Маслодајната репка има рана сеидба, од 20 август до 15 септември, кога температурите се многу високи, а врнежите ретки.
– Во овој период обично нема врнежи и проблем што ни се појавува кај оваа култура е никнувањето. Ако подоцна никне, нема можност да достигне фаза на презимување. Лани условите не беа многу наклонети зашто имавме сушен период од 4 месеци, немавме врнежи и растението никна многу доцна. Така годинава дел од засеаните површини ќе биде преоран зашто растението ја нема достигнато потребната фаза на развој – објаснува Петровски.
Производството на маслодајната репка пет години беше замрено во Пелагонија поради намалениот пазар и ниската откупна цена од фабриките за масло. Но со сегашниот интерес што постои на странските пазари за откуп на оваа репка и преработка во биогорива, агрономите очекуваат таа да стане индустриска култура на иднината. Биогоривата се еколошки и се очекува нивното учество во вкупната потрошувачка да се зголемува како замена за фосилните горива чија цена постојано расте. Европската унија планира до 2020 година 20 отсто од горивата да ги добива од обновливи извори, а до 2050 тие да достигнат ниво на 50 отсто.
Грција бара македонски јачмен и сончоглед
Од целокупното производство на земјоделски култури во Пелагонија, освен маслодајната репка, на грчкиот пазар се продава и македонски јачмен. ЗK „Пелагонија“ е единственото земјоделско стопанство што од Македонија извезува јачмен за странство. Годишно извезуваат околу 2.000 тони или 25 проценти од вкупното производство на јачмен на грчкиот, албанскиот и на косовскиот пазар.
– Има интерес и за откуп на сончоглед. Некогаш се заинтересирани да го откупат целото производство на сончоглед, но кај нас цената на сончогледот беше повисока отколку во Грција, обратно отколку кај маслодајната репка, па родот го дадовме на домашниот пазар – велат од ЗK „Пелагонија“.
Жанета Здравковска
Извор: Дневник
One Comment
Дејан
Здраво,
Дали би знаеле колку е данокот на литар биодизел гориво во македонија со намена за продажба, произведено од своја приватна биодизел машина?