Швајцарскиот конгломерат ABB најверојатно ќе ја гради најголемата мрежа за полнење на електрични автомобили во Естонија. Мрежата се очекува да проработи во декември оваа година, а АВВ дотогаш треба да инсталира 200 од своите брзи полначи “Terra”.
Според компанијата, ова ќе биде првата брзополнечка мрежа во светот која ќе опслужува цела држава.
“Terra” станиците за полнење работат на еднонасочна струја и можат да наполнат батерија за електрична кола за 15 до 30 минути. За споредба, за полнење на истата батерија од наизменичен извор на струја како што се домашните штекери ќе требаат околу 8 часа. АВВ станиците за првпат беа инсталирани за комерцијална употреба во 2010, претежно во мрежи за полнење на електрични возила во Европа, и одтогаш нашироко се употребуваат. Во октомври минатата година АВВ започна со инсталација на првата мрежа со станици за полнење на батерии за електрични автомобили во Австрија.
Естонската влада има намера да постави по една “Terra” станица за полнење на секои 50km што, доколку се оствари, ќебиде најгустата мрежа на станици за полнење во Европа. Минатата година владата на Естонија започна и со набавка на 507 Mitsubishi i-MiEV електрични автомобили наменети за социјалните служби ширум земјата. Владата на Естонија сака да покаже дека возењето на електрична кола во Естонија е подеднакво удобно и безбедно како и возењето каков било друг автомобил. Тие се толку посветени на остварување на овој проект што овозможуваат субвенции за граѓаните и до 50% за купување електричен автомобил.
АВВ, од друга страна, минатиот ноември почнаа со пробна инсталација на два типа на “Terra” станици во Холандија, првенствено на бензински пумпи во сопственост на British Petroleum. Исто така, компанијата беше избрана да ја изгради најголемата кинеска мрежа за станици за полнење на електрични автомобили во Шенжен.
Изградбата на ваквите мрежи е многу битна, бидејќи пред да се одлучат да купат електрично возило, луѓето обрнуваат внимание не само на километражата што возилото ја поминува со едно полнење, туку и на брзината на полнење на батеријата.
One Comment
Анонимен
Зошто не ставате линкови кон изворите на ваквите вести. Белким не сте отишле вие на теран да ја истражите сторијава и ова е сè оригинално известување?