Производството на бигориво зазема сè поголем дел од енергетската и агроиндустријата во развиените земји. Најчесто користено растение од кое се добива етанол е пченката. И покрај тоа, употребата на пченката за производство на биогориво има и некои недостатоци. Но истражувачите од University of Illinois at Urbana-Champagne открија нов, умерено-тропски хибриден вид на пченка со потенцијал да доведе до револуција во производството на бигориво. Од оваа хибридна пченка може да се добие многу поголемо количество на етанол по единица растение и по многу пониска цена, споредено со оние видови кои се користат во моментот.
-При одгледување и со користење на исто количество на ѓубриво како кај комерцијалните хибридни видови на жито, нашата хибридна пченка произведуваше 15-20% повеќе биомаса отколку другите растенија – вели д-р. Фредерик Белоу, професор на универзитетот.
За да дојдат до посакуваните резултати, научниците избрале различни видови на пченка од тропски и од умерени региони. Со правење различни генетски комбинации успеале да ги вметнат најдобрите особини од двата вида. На пример, тропската пченка е прилагодена на многу подолг период на растење, па така би растела подолго во региони со умерена клима. Влијанието на пченката од умерена клима е што ја зголемува отпорноста на болести и штетници, а ги зголемува и позитивните страни на тропската билка со тоа што ја прави потолерантна на суша. Заедно, тие создаваат еден вид на „супер-пченка“, растение кое расте повисоко и за подолг период, но најважно од сè, произведува повеќе скроб, што крајно значи поголемо производство на етанол.
Хибридната пченка произведува иста или поголема количина на етанол по единица површина, споредено со обичната пченка, но има помала потреба од ѓубриво. Згора на тоа, етанол може да се произведе и од стеблата, не само од зрната.
Главната цел на ова истражување било да се зголеми одржливоста на производството на биогориво од едно од најраспространетите растенија по полињата. Хибридната пченка сигурно нема да ги реши сите еколошки и економски проблеми поврзани со биогоривата, а најмалку етичкиот, но барем ќе ги ублажи.