Во денешното време во светот се повеќе се зборува за градби на еколошки куќи. Новитетите кои пристигнуваат до нас од светските архитекти на еко куќи ни го даваат начинот, конструкциите, материјалите и придобивките на изградба на таков тип на градби. Пробувајќи да ги следиме и користиме таквите информации, се судираме со проблем кој е во делот на набавката, употребата на таквите материјали и нивната финансиска исплатливост. Следејќи ги тие трендови, полека но сигурно ги забораваме начините на градба на нашите претходни генерации кои при изградба на своите домови, свесно или несвесно биле „експерти„ за градба на еко куќи.
Како би го откриле начинот, архитектурата и материјалите за градби на куќите на нашите претходни генерации, магазинот КЛУЧ направи посета на селото Јанќе, кое се наоѓа во западниот крај на Македонија, каде и таму веќе, таквиот тип на стари градби полека изумира и оди во заборав. Повод за оваа репортажа е духот на еден жител од истото село, г-дин Тефик Тефиковски, кој по долгогодишна печалбарска работа во Италија, одлучил да се врати во сопственото огниште и со сопствена инвестиција покрај изградбата на хотелот „TUTTO„, да го возобнови стариот начин на градба на куќи од тој крај, За подобро да ви го претставиме тој начин на градба, во понатамошниот текст целосно ви ја пренесуваме изјавата на г-дин Тефик, за начинот или како што тој милува да кажува „марифетот„ за таков тип на градба.
Г-дин Тефик Тефиковски:„ Моето големо искуство на градежниот сектор низ повеќе земји во светот, ми покажа дека многу ретко се среќава денес, луѓето да изградат свој дом, користејќи локален материјал, како што тоа го правеле нашите предци. За изградба на дом од таков тип, би ги земал пример куќите во моето родно село. Се уште се во функција домови кои ги изградиле нашите дедовци дури и пред 200 години. Ги правеле со карактеристична архитектура, употребувајќи го сопственото знаење наследено од нивните претходници а како градежен материјал користеле природни ресурси не подалеку од 1 km од местото за градба.
Кога зборуваме за материјал, станува збор за каменот, дрвото и земјата. Интересно е дека локацијата за градба, покрај теренската инфраструктура ја одредувале и со помош на добитокот. Според народните преданија, каде на отворено место ќе се собира и престојува добитокот, таму се мали или ги нема подземните зрачења. Првиот дел е градењето на приземјето кое го ѕидале од камен, а го носеле од доловите на околните планини. Како врзувачки материјал за ѕидање на каменот ја користеле земјата, односно – калта. Покрај цврстината и статиката која ја дава ѕидањето на основата од камен, во приземјето го сместувале добитокот, бидејќи покрај другите карактеристики, самиот камен е и добар термоизолатор кој го штител добитокот од ладните периоди.
При градба на приземјето , на одредена висина на камените ѕидови од надворешната и внатрешната страна ставале дрвени дабови греди попречно поврзани кои служеле како амортизери во случај на некакви тектонски поместувања. Куќите биле градени најчесто во три нивоа. Од кога ќе се заврши со ѕидањето на приземјето, врз ѕидовите поставувале дабови греди на растојание од 1 метер кои биле основа за подот на првиот кат, кој служел како дневен престој, во кој се наоѓала кујната и гостинската соба. За градба на првиот кат се употребувале комбинации на камен дрво и слама во спрега на земјата (калта) како врзувачки материјал.
За изградба на вториот кат кој служел за спалните соби се употребувале повеќе техники за градба, што може да посведочат и постоечките денешни градби. Како конструкција за ѕидовите користеле испреплетени прачки од гранки врз кои се нанесувала земја (кал) или претходно направени земјени тули или народно наречени керпичи, кои се ѕидале од внатрешната страна на ѕидот, на кој претходно била нанесена слама собирана и исушена од сопствените ниви која служела како додатен изолатор. За кровот на куќата се правела рам – конструкција од дрвени заоблени стебла. Помеѓу нив, се ковале цепенки од дрва врз кои се нанесувал слој од кал како би се добила рамна површина.
На крајот како заштита се ставале тенки камени плочи по специфичен редослед од едниот ќош на страната на кровот па нагоре. Покрај карактеристиката на финансиската исплатливост, ваквиот тип на градба има и еколошки придобивки, бидејќи не го загадува околниот простор.
За крај би напомнал дека ваков изграден дом може да опстане неколку векови, бидејќи земјата како градежен материјал, не само што има поврзувачки својства, туку нејзината тајна е во тоа што е жив и еластичен материјал кој ја впива целата влага и нечистотија во домот и е регенератор на топло – ладно, суво – влажно. Исто така игра голема улога во заштитата од магнетното зрачење.
Извор: магазин КЛУЧ