Во време кога цената на електричната енергија и сите останати енергенси драстично расте, а нивните резерви се сѐ помали и помали, научниците и властите се обидуваат да влијаат на нивната потрошувачка, како и на климатските промени кои ги предизвикува нивната употреба. Во последно време доста интересен се покажа концептот на нискоенергетски градби. Тоа се градби (куќи, станбени згради, деловни објекти…) кои самите произведуваат онолку енергија (па и повеќе) од што трошат. Во случај кога се добива поголема енергија од потребната, станува збор за енергетски независна градба. Но често се поставува прашањето дали оваа цел е остварлива. Кен Питерсон од Американското здружение на инженери за греење и разладување истакнува:
-Нашите истражувања покажуваат дека нискоенергетските градби се остварлива цел за најмалку 65% од градбите во светот, ако се користи технологијата која нѝ е достапна денес. Тоа се претежно еднокатни и двокатни градби, со што сепак остануваат голем број кои не можат да станат енергетски независни, но можат да бидат нискоенергетски.
Всушност, г. Питерсон нагласува дека со сегашните технологии за енергетска ефикасност, не земајќи го предвид производството на струја од сонце и ветер, во развиените земји може да се намали потрошувачката на струја за 50%.
Но има еден недостаток. За да се достигне намалување на потрошувачката за 50%, а камоли да се добие енергетски независна градба, треба многу повеќе од купување на квалитетен бојлер. Дел од неопходните системи во домот веќе се доста ефикасни, како греење, ладење и осветлување. Затоа мора да се земат предвид и другите електрични уреди кои ги користиме во домот.
Помислете на сите уреди кои ви се уклучени по цел ден. Како мониторот од компјутерот. Убаво е да стискате само едно копче наместо две кога го уклучувате вашиот десктоп, а мониторот во stand-by не троши многу, посебно новите LCD и LED монитори. Но во текот на една година целата енергија која ја потрошивте заради нестискање на едно копче, може да биде доволна за непрекината работа на мониторот цели 48 часа. Истото важи за телевизорот, ДВД плеерот, микробрановата… уреди кои Питерсон ги нарекува „фантомски трошачи“.
-Решението е во автоматизацијата. Се навикнав постојано да го гасам светлото во соби во кои никој нема во моментот, но не можете да очекувате од мене и милиони луѓе низ светот грижливо да го исклучуваат секој електронски уред кој не го користат ни половина од времето. Тоа е како да очекувате Дарт Вејдар да игра брејк денс-нереално е. Наместо тоа, можеме да се потприме на автоматски системи кои ги исклучуваат уредите кога не сме дома или кога спиеме- вели Питерсон, кој веќе имал ваков систем дома.
Можел да се управува преку компјутер и притоа ја исклучува струјата на одредени штекери според програмиран тајмер или рачно, со кликање на глувчето.
Се разбира, ова е само еден дел од мерките кои може да се преземат за да го претворите вашиот дом во нискоенергетски или енергетски независен, но од негде мора да се почне.