Пред неколку денoви во голем број на медиуми проструи сензационална вест дека е пронајдена тајната честичка – неутриното. Иако насловите речиси секаде наведуваа како да е сега откриена, фактите се дека таа е тука веќе подолго време и тоа не е ништо ново само што некои интернет медиуми сега ја пронајдоа. Она што открија е само еден дел од една сериозна студија која заслужува многу поголемо внимание од една статија која потоа беше парафразирана од неколку интернет портали. Сепак, денешниот текст не е осврт на уредувачки политики на веб страните/порталите во Македонија, туку да фрли малку подобро светло врз лорандитот и неговите уникатни карактеристики. Далеку од тоа дека имаме амбиција или знаење да ги откриеме тајните на еден од најмистериозните минерали на земјата, но барем во некој подобар ред да ги презентираме фактите.
Историјата на Алшар
Прво, како што е ред за оние кои не се запознати со проблематиката, мало објаснување и демистификација на зборот Алшар. Имено, Алшар е името на рудник кој се наоѓа во кавадаречкиот дел од областа Мариово, во непосредна близина на селото Мајден. Името Алшар е акроним од презимињата на едни од првите евидентирани странски сопственици на рудникот – французите Алатини и инжинерот кој работел за нив Шарито кои го експлоатирале рудникот од 1913 до 1923 година. Тие ископувале антимон кој се користел како основна легура за изработка на тешки артилериски орудија или за оние кои се занимаваат со заговор „наводно само ископувале антимон”. Претходно во турско време, Турците ископувале злато. Според некои научници има археолошки докази дека рудникот е експлоатиран стотици, ако не и илјадници години пред новата ера поради разновидните минерали кои се наоѓале во него, а кои биле познати на тогашните луѓе. Во 1986 година властите на тогашна СФРЈ го започнале проектот „Лорекс” во кој билe вклучени едни од најреномираните професори во тогашна Југославија. Покрај домашните научници и некои странски универзитети имале пристап до минералите извадени од Алшар и вршеле свои истражувања. Според непроверени извори и НАСА има земено примероци и вршено истражувања врз лорандитот пронајден во Македонија. Последните сериозни истражувања се вршени од страна на мешана американско-македонска компанија, која била подоцна потпомогната од австриско – англиската корпорација „Рио-Тинто” (една од најголемите рудни корпорации во светот). Нивните истражувања беа прекинати пред околу 12 години без да се објават некои резултати, а во меѓувреме Алшар стана заштитена зона. Во 2009 година беа фатени неколку германски и унгарски научници како вршат неовластено ископување. Иако тие тврдеа дека собираат примероци за истражувачка дејност фактите велат дека тоа го правеа без знаење на ниедна институција, влезени во земјата само со туристички визи. Набрзо беа ослободени. Деновиве пак е актуелна темата Алшар благодарение на академик Глигор Јовановски и професорите Петре Макревски и Блажо Боев кои го напишаа делото “Minerals from the Republic of Macedonia with an introduction to “Minerology“. Тие воедно најавија и продолжување на истражувањата во рудникот Алшар.
Зошто е толку посебен?
Иако рудникот е богат со голем број на разновидни минерали, лорандитот е тоа што го прави единствен во светот. Иако се мисли дека можеби го има и во Шри Ланка, засега само во Македонија е потврдено дека го има во чиста форма. Се смета дека лорандитот е единствен кој може да го детектира и лоцира неутриното – честичка со директно потекло од јадрото на сонцето. Освен лорандитот ниеден друг минерал ја нема таа особина да ги препознае честичките кои доаѓаат директно од јадрото на сонцето.
Теоријата!
Она што научните се обидуваат/ надеваат да постигнат е да најдат начин да го изолираат неутриното од лорандитот како подобро би ги разбрале процесите кои се одвиваат во јадрото на сонцето. Хипотетички тоа знаење би водело до создавање на моќни енергетски извори кои до одредена мера би го реплицирале она што се случува во сонцето. Со други зборови неограничени количини на чиста бесплатна енергија со која би можело лесно да се манипулира.
Реалноста.
За да се стигне до некој резултат и дали тој резултат би бил соодветен на теориите на научниците никој не знае, а и се потребни долги години научни истражувања. Реториката во прашањата дали и колку Македонија има човечки и технички капацитети за едни такви истражувања е сама по себе одговор. Она што е познато дека Македонија како држава работи на ова поле е тоа дека се работи да се тргни статусот на заштитено подрачје на областа околу рудникот Алшар и истиот да се даде под концесија на странски инвеститор. Во јавноста се шпекулираше со 1.5 милијарди евра кои би се добиле како надоместок од концесионерот. До каде е цела таа работа, во моментот нема одговори од никого или ние немаме доволно информации. Во секој случај во недостиг на сериозни истражувања се што останува е да се шпекулира и нагаѓа.