Истражувачите од Стенфорд направиле нов тип на електроди за батерии на полнење кои би траеле и до 100 пати подолго во споредба со сегашните литиум-јонски батерии, а е произведена и од поевтини материјали.
Тие веруваат дека нивната нова електрода ќе биде клучот за развојот на ефикасни, трајни и моќни батерии на полнење кои би можеле да се користат за складирање на голема количина на енергија од обновливи извори. Тоа треба да овозможи подобра интеграција на алтернативните извори во постојните електро-енергетски мрежи.
Електродата е направена од кристал на бакар хексацијаноферат. Во лабораториски услови, таа преживеа 40 000 циклуси на полнење и празнење, задржувајќи притоа 80% од својот оригинален капацитет.
-При стапка од неколку циклуси на ден, оваа електрода може да има и до 30 години корисен работен век во електричната мрежа – изјавува Колин Веселс, истражувач и главен автор на студијата која го објаснува истражувањето.
За споредба, литиум-јонските батерии претрпуваат само 400 циклуси на полнење и празнење пред да се уништи материјалот. За да настане полнење или празнење, јоните (наелектризирани честички) се движат од една електрода до друга. Ова преминување на честички доведува до оштетување на материјалот од кој е направена електродата.
Издржливоста на електродите од кристал на бакар хексацијаноферат се должи на отворената структура на кристалот, што овозможува јоните лесно да поминуваат низ електродата, притоа предизвикувајќи минимална штета. Исто така, лесното преминување на јоните низ електродата овозможува и брзо полнење на батеријата.